Приватна агенција ги селектирала вработените во кабинетот на Груевски кои не доаѓале на работа, а земале плата

by fokus

За 42 владини службеници кои не се појавувале на работното место, а редовно добивале плата е завршена дисциплинската постапка. На нив им е прекинат работниот однос со Владата, а од таму велат дека допрва ќе покренат постапка за враќање на платите кои ги зеле. Освен тоа, 37 вработени сами дале отказ уште пред дисциплинската постапка да биде завршена. И од нив ќе се бара да ги вратат парите.

Овие службеници биле вработени во период од 2010 до 2015 година. Како што објави претходно генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, станува збор за период од три до четири години во кој секој месец се издвојувале пари од буџетот за нивните плати, иако не извршувале никакви работни задачи.

Станува збор за вработени владини службеници, кои на еден начин „виселе“ во администрацијата. Не биле распоредени на работно место и немале работни позиции. Во договор со тогашниот генрален секретар, Кирил Божиновски, и во договор со раководителите на сектори, еднаш неделно во групи доаѓале во Владата за да се потпишат. Нивната месечна плата била во висина од државниот просек, а дел примале и повеќе, околу 30.000 денари.

Постапката за завршување на нивниот работен однос е завршена, а допрва ќе почнува постапка за враќање на платите кои незаслужено ги добиле. Од кабинетот на Рашковски, велат дека ќе се бара парите да ги вратат и оние кои сами дале отказ, пред да биде готова дисциплинската постапка.

Рашковски веќе поднел барање до Министерството за внатрешни работи за поведување на истрага. Според генералниот секретар, неговиот претходник, Кирил Божиновски, го прекршил законот за државни службеници. Имено, селекцијата на овие вработени била извршена од приватна агнција, а не од Агенцијата за вработување на државни службеници.

„Со оглед на достапната документација, со која располагаат службите во Владата, сметаме дека Генералниот секретар на Владата постапил спротивно на Законот за државни службеници на начин што сторил злоупотреба на службената положба и овластување“, стои во документот кој „Фокус“ го доби од Владата.

Но според Законот за државни службеници, Агенцијата за администрација е надлежна да организира постапка за селекција и вработување на државен службеник и да дава писмена согласност за вработување на државен службеник на систематизирано слободно работно место.

„Оттука, постојат индиции дека овластено лице извршило злоупотреба на службената должност и овластување на начин што ангажирал надворешно правно лице да изврши селекција на кандидати за вработување во државниот орган, избегнувајќи ја законски предвидената постапка за селекција и вработување на државни службеници“, стои во барањето на Рашковски до МВР да спроведе истрага за постапувањето на Божиновски во овој случај.

Инаку, Владата на приватната агенција и платила 2.950 евра за набавка на консултантски услуги – селекција на кандидати по оглас за вработување. Договорот бил склучен без објавување на оглас.

Агенцијата поканила на тестирање 291 пријавени кандидати на огласот. Ги тестирала нивните стручни познавања, познавање на англискиот јазик, работните афинитети, комуникациските способности, степенот на самодоверба и нивните потенцијали.

Оние кандидати кои го поминале второто интервју со стручна комисија, имале финално интервју со тогашниот премиер, Никола Груевски.

Освен овие лица, од Владата се сомневаат дека на сличен начин се спроведувале постапки за вработување и во други институции. Се работи за околу шестотини вработени во институциите, кои редовно примаат плата од буџетот.

Во тек е постапка дали овие шестотини оделе на работа во министерствата, каков е нивниот статус и дали ги извршуваат работните задачи.

 

Поврзани новости