Обвинение против Марјан Ристески, назначил директорка на старски дом без потребно работно искуство

by fokus
Прилепското обвинителство поднесе Обвинителен предлог против поранешниот градоначалник на општината, Марјан Ристески.
Тој се товари дека во својство на градоначалник на Општина Прилеп несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности.

„Според обвинителниот предлог, осомничениот го извршил делото на начин што по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс за избор на директор на јавната установа во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години по дипломирањето, донел решение со кое за директор на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп избрал кандидатка која во времето на изборот имала работно искуство од 2 години и 6 месеци по дипломирањето и не го исполнувала посебниот услов предвиден во конкурсот. Во истиот предмет, за лицето кое било избрано за директор со Решение беше отфрлена кривичната пријава за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст. 5 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Надлежен јавен обвинител утврди дека пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштуваат од обвинителството.

Од таму наведуваат дека осомничената директорка на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ не ја искористила својата службена положба или овластување, ниту дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту пак ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или пак на штета на Буџетот на РМ.

Надлежниот јавен обвинител утврдил дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директор иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс ги сторил оној кој го извршил изборот.

Поврзани новости