Фатени жители на Карпош кои го загадувале воздухот со палење електрични кабли, сакале да го издвојат бакарот од пластиката

by fokus

Од Општина Карпош информираат дека синоќа општински и комунални инспектори, за време на вонредната контрола во доцните попладневни и ноќни часови во Злокуќани констатирале палење на секундарен отпад, што е еден од најчестите загадувачи на воздухот.

„Некаде околу 20.30 часот, при контрола на потегот, од крајот на булевар Илинден до СЦ  „Борис Трајковски“, општинските инспектори забележале оган од спротивната страна на реката Вардар. Поточно, на фудбалското игралиште во Злокуќани, нашите комунални инспектори придружувани од лица од МВР, констатирале палење на повеќе огнови во кои се гореле  поголеми количини електрични кабли, со цел да се издвои бакарот од пластиката, кој пак потоа го препродаваат по отпадите“, велат од Општината.

Бидејќи станува збор за честа пракса на жителите од оваа месна заедница во Карпош, велат од таму, поттикнувачите на загадувањето биле легитимирани од страна на службените лица од МВР, за што ќе има соодветни санкции.

„Општина Карпош за ова по службен пат ќе го извести Државниот инспекторат и Министерството за екологија со цел да се преземат сеопфатни и посериозни мерки против едни од најчестите загадувачи на воздух во Карпош. Инаку попладневните и ноќните контроли на инспекцијата на Општина Карпош продолжуваат со засилено темпо и во наредниот период, со цел превентивно да се спречат ваквите еколошки инциденти“, додаваат од Општината.

Поврзани новости