Агатангел до Мицкоски: Не ви велам со пушка во рака да појдете во планина, туку да повикате на бојкот на референдумот

by fokus

Членот на светиот Синод на МПЦ – ОА, повардарскиот митрополит г. Агатангел испрати отворено писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски во кое го повикува да донесе одлука за бојкот на референдумот.

„И по поминати 125 години од основањето на ВМРО, македонскиот народ сè уште е емотивно поврзан со идеите, залагањата и дејствувањето на првенците на оваа семакедонска организација. ВМРО е цврстиот темел и основниот носечки столб на целокупната национална борба за македонската правда и вистина“, вака го започнува Агатангел своето писмо до лидерот на опозицијата.

На народот, вели Агатангел, сега е му фали чесно и искрено водство.

„Вие, г. Мицковски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застанете во првите редови на македонскиот национален непокор. Македонскиот народ во моментов нема многу опции на располагање. Нему му преостанува единствено можноста самиот да се организира и да го спречи обидот за негово целосно уништување. Ова е клучниот историски момент за ВМРО – ДПМНЕ и за Вас како нејзин претседател, да покажете дека сте вистински наследници на историското ВМРО. Ова не значи дека Ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина. Тоа никако не е целта на моето обраќање кон Вас. Секој кој барем малку трезвено размислува, знае дека на ваквата сила која се има надвиснато над нашите глави со сила не можеме да ѝ се спротивставиме“, му порачува тој на Мицкоски.

„Бидете и Вие на правата страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ. Само на тој начин ќе покажете дека Вашите корени се насадени на принципите на славното ВМРО. Секогаш имајте предвид дека ВМРО не е затворено во некаква зграда и накитено со статути и програми. ВМРО е душата на македонскиот народ, односно искрата која го потпалува народниот стремеж за сесрдна борба против неправдата“, додава тој.

Јас како Македонец, порачува Агатангел, но и целиот чесен македонски народ, вели тој, „никогаш нема да се помири или да прифати промена на древното име на нашата татковина, ниту промена на нашиот идентитет“.

„Искрено се надевам дека ќе бидете на вистинската страна г. Мицковски и нема да дозволите да бидете запаметен како првиот водач на ВМРО кој потклекнал и во соработка со мрачните сили на овој свет ги погазил националните интереси на македонскиот народ. Од мене и од сиот верен македонски православен народ во Повардарската епархија ја имате целата поддршка да оддолеете на притисокот на силните од овој свет“, порачува тој.

Поврзани новости