Дивна Пешиќ ја посвети наградата од САД на татко и: Ја знаете ли приказната за волкот и јагнето?

by fokus

Ликовниот уметник и шампион во стрелање, Дивна Пешиќ Грозданов, го освои првото место на натпреварот по уметност Американ Арт Авард 2017, со делото „Недопрена доверба“ во категорија абстракт.

На натпреварот кој важи за еден од најпрестижните во Америка, каде Пешиќ живее и твори веќе неколку години, годинава конкурирале илјадници уметници од 56 држави, а оценувањето на делата било од страна на 25 најпознати музеи и галерии од САД.

Деновиве беше снимено и видео со наградените уметници, во кое тие се претставуваат пред светот и го промовираат своето дело. Дивна пред светската јавност, во презентацијата на делото се осврна на случајот со нејзиниот татко Благој, за кого што тврди дека преживува голема неправда, и токму настаните со него и биле инспирација за „Недопрена доверба“.

„Јас сум Дивна Пешиќ Грозданов, уметник од Македонија кој живее и твори во Америка во последните четири години. Инспирацијата за ова дело е од приказната за волкот и јагнето, која симболизира неправда. Би сакала да му ја посветам наградата на татко ми, најдобриот татко, дедо и сопруг на светот. Во исто време, најдобриот тренер по стрелаштво во Македонија, кому му е нанесена неправда“ – вели Дивна во промотивното видео на Американ Арт Авард 2017 кое е објавено вчера.

Нејзиниот татко Благој (68) се најде во центарот на вниманието кон крајот на месец март годинава, кога родители на негова тринаесет годишна ученичка по стрелање пријавиле дека во повеќе наврати го обљубил девојчето, по што му беше одреден притвор.

Набргу потоа, членови на СК Кавадарци и граѓани протестираа пред Основниот суд во Велес, барајќи домашен притвор за тренерот, поради неговата лоша здравствена состојба.Тогаш Дивна допатува со децата од Америка, со цел да му даде поддршка на татко и, и во повеќе наврати јавно изјави дека тој е невин и приведен само по изјавата на девојчето, без физички докази.

За „Фокус“ таа раскажува дека е горда за својот професионален успех, но дека во исто време e и доста огорчена поради настаните со нејзиниот татко кој сеуште се наоѓа во притвор, како верува во правда и стрпливо ја чека.

„Многу сум горда што сум прогласена за Најдобар уметник во светот за 2017, во категорија абстракт од страна на 25 најдобри музеи и галерии од САД. Првото место го освоив со делото „Недопрена доверба“, масло на платно. Инспирација за ова дело е добро познатата приказна за волкот и јагнето која што симболизира неправда. Во реалниот живот постојат многу волци кои се преправаат дека се жртви и креираат случај за да ја прекријат нивната гнасна мизерија и цел. Оваа светски позната приказна за неправдата инспирирала многу поети, ликовни уметници и музичари да ја преточат во уметнички дела, затоа што неправди постојат насекаде. А јас со моето дело и воопшто со мојата уметност посакувам да го инспирирам човештвото да биде подобро, човекот да биде добар човек со срце, душа, љубов, со морал и етика.

Оваа награда му ја посветувам на татко ми, Благој Пешиќ, најдобриот татко, дедо и сопруг на цел свет, а истовремено и најдобриот тренер со пушка во Република Македонија на сите времиња, кој последниот период страда од неправда.
Правдата сама по себе не доаѓа, за неа се потребни луѓе со мудрост, знаење, со доблест, интегритет и морал. Луѓе професионалци во својата област. Апсурдот во нашиот случај е што те гонат за дело каде што нема ни Д од дело, а сепак толку долго време сеуште нема професионалец кој може да ни стави крај на маките. Ниту во Северна Кореја фаќање за рамо не е полово дејство! Прекршени се многу закони во нашиот случај, повредени се многу права, но сепак како што кажав и порано, ние веруваме во правда и стрпливо ја чекаме. А правдата ќе дојде, вистината ќе излезе, некои ќе одговараат за лага и клевета, некои за криминал, некои за неписменост… Има професионалци и надвор од „нашите“ во судот во Велес“ – тврди Дивна.

Ова е четврти пат по ред како уметничката од Кавадарци освојува награда за свои дела на овој натпревар. Во истата категорија, но и во категориите абстрактен експресионизам и религија и еротика има освоено прво место и во 2010, 2012 и во 2015 година.

Вели дека ги очекува реакциите од светската јавност по повод нејзината изјава во видеото кое што било објавено синоќа, но и како веќе на истата тема дала интервју за медиумите „Хајлајтс Холивуд“ и „Хафпост“ во САД.

Вики Клинчарова

Поврзани новости