Димовски: Списоци од гостите на опозицијата во Собрание се препраќаат во институции каде работат

by fokus

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, обвини денеска дека гости во Собранието кои доаѓаат да ги посетат пратениците од опозицијата, а кои работат во државни институции, се ставени под посебна анализа. Како што рече Димовски, списоци од оние што ги посетиле опозициските пратеници потоа се препраќаат во институции каде што работат.

Димовски ова обвинување го изнесе на денешната собраниска седница, бараќи од собранискиот спикер една минута процедурална забелешка. Тој му вети на Џафери дека нема да зборува повеќе од една минута.

-Сакам само да ја информирам јавноста за една работа што се случува кога одредени граѓани остваруваат посета во канцеларии во Собранието и се задолжени да се пријават во пријавница. Има список – кој дошол на средба со Димовски, со Тунтев, со Гаши, со Села. Она што е фрапантнои зачудувачко е што имаме потврда од институции каде дел од тие луѓе работат дека таквиот список од собранието се препраќа во тие институции кај што работат дел од луѓето кои дошле на средба со пратеници кои не се дел од владејачкото мнозинство. Под посебна анализа се гостите кај Села, Гаши, Никола Поповски, Антонио Милошоски, кај мене и кај други пратеници од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Не барам да се преземе нешто, го знам наравот и причините, желбите и мотивите за ова. Мојата цел беше да ја информирам македонската јавност за тоа каков тоталитарен систем постои во ова Собрание. Кој го одобрил, кој го спроведува, има медиуми нека истражуваат – рече Димовски.

На тоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека Димовски ја злоупотребува собраниската говорница затоа што темата на процедуралното не се однесува на дневниот ред на собраниската седница. Тој му порача на Димовски да не ја дезинформира јавноста и доколку има било какви информации да ги пријави кај надлежните.

-Собранието е дом на граѓаните и секој е добредојден но може да влезе внатре само врз база на соодветна процедура. Ова и лани го кажав. На сила е правилникот за внатрешен ред во Собранието донесен рпед неколку години. Укажувам уште еднаш до сите граѓани кои не работат во Собранието, без разлика каде работат и што работат, мора да има евиденција во Собранието кој влегува и каде оди, не за да се води некаква кампања, туку за да имаме сознанија кој влегува и кој излегува од Собранието – рече Џафери.

Поврзани новости