Димитров нема да ги тужи „Инфомакс“ и „Република“: Имам мисија и немам време за тужби

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, одлучи да не ги тужи порталите „Инфомкас“ и „Република“ кои го наклеветија дека е вмешан во аферата „Рекет“. Димитров објави две одлуки на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите (СЕММ) коишто потврдуваат дека интернет порталите „Инфомакс“ и „Република“, објавиле неточни информации со цел, како што вели, да го дискредитираат.

„Во моментот кога ги видов текстовите, згрозен од дрскоста моето име да се плетка во случај со кој немам никаква, ама апсолутно никаква врска, а чија разрешница е исклучително битна за земјава, кажав дека правда ќе побарам на суд.
Но, следејќи ги добрите европски практики и слушајќи ги апелите на новинарските организации, особено во контекст на најавените чекори за силна саморегулација на интернет просторот, сепак се одлучив да ги поддржам професионалните новинари и нивните обиди за воспоставување на ред во сопствениот двор“, напиша Димитров на својот фејсбук профил.

Тој вели дека и покрај тоа што дел од медиумите неколку пати го поврзаа со „Рекет“, дека нема време за тужби.

„Во меѓувреме, нам на кои политиката ни е чист идеал и борба за земјата, ни останува да се бориме со лагите преку уште посилна работа, посветеност и чесност.
Уште еден аргумент за оваа моја одлука, се разбира е и фактот што лаги и кал кон мене се фрлаат секој ден. Јас имам мисија и немам време за секојдневни тужби. За волја на вистината, уште помалку тоа време и приоритети ги има во моментов македонското судство“, посочува Димитров.

Поврзани новости