Димитров: Договорот не е идеален, но извлековме максимум

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по вчерашната прес конференција на Владата, каде премиерот обзнани дека е договорена смена на името на државата за сецкупна употреба, со подолг пост на својот фејсбук профил порача дека договорот не е идеален, но дека македонскиот преговарачки тим кој тој го предводеше успеал да извлече максимум.

„Нема поголема должност од директно соочување со најголемиот проблем што со децении ни’ ја попречува иднината. Што не’ влече надолу како камен врзан за државноста во бурните води на Балканот. Одговорноста да се создаде шанса, да им се понуди избор на граѓаните, на народот, е позначајна од било какви политички калкулации, па макар тоа да значи и политичка саможртва. Со предложеното решение се става точка на сите идентитетски прашалници и предизвици. Македонци, македонски народ, македонски јазик. Се обезбедува европска иднина и НАТО безбедност.

Дали договорот е идеален? Секако не. Но, да не заборавиме дека секој успешен договор треба да ги исполни најважните интереси на двете страни. Дали направивме се’ што можеме во дадените околности? Дали извлековме максимум без притоа да го загрозиме договорот? Апсолутно. И затоа ќе го бранам со се’ што сум и со целото срце. Зошто се втурнавме во ова? За да можеме да се погледнеме во огледало, да си кажеме дека направивме се’ за да го фатиме возот за иднината, заштитувајќи го идентитетот и достоинството. За да спиеме мирно. Со мирна совест.

Ви благодарам на сите за безбројните пораки со поддршка, совети и критики сиве овие месеци. Ги читав иако не секогаш одговорав. Човек е голем, силен и мудар толку колку што му се големи, силни и мудри пријателите.

Утре одам во Берлин за да им кажам дека кај нас во Македонија имаме шанса за историски успех. Успех што треба да се поддржи со почеток на преговори за членство во ЕУ и со членство во НАТО“, пишува Димитров.

Поврзани новости