Џафери не му дозволи на Милошоски да одложи комисиска расправа затоа што пратеници биле на одмор

by fokus

Откако седницата на Комисијата за надворешна политика денеска беше одложена по четврти пат, претседателот на Собранието Талат Џафери, согласно неговите овластувања ја свика Комисијата за денеска, со почеток во 11.30 часот.

„Недозволиво е денешното повторно одложување на седницата на Комисијата, со образложение од претседателот на Комисијата дека пратениците согласно Деловникот се на одмор од 1 до 31 август, и дека претседателот Џафери, на средба со новинарите најавил дека од 1 август пратениците се на одмор. Член 5 од Деловникот е јасен, освен што го предвидел периодот за одмор, јасно во истиот член, став 1 потенцирал дека Собранието е во постојано заседание“, пишува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Џафери за одлуката се повикува на Член 120 од Деловникот за работа на Собранието во кој е пропишано дека aко претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Собранието.

На дневен ред на Комисијата се претставување на платформите за дипломатските активности на амбасадорите во Норвешка, Полска, Црна Гора и во Oбединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и завршниот извештај на Пајо Авировиќ вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во државата Израел, за време на извршување на мандатот (3 март 2014 година – 28 февруари 2018).

Поврзани новости