Чичаковски заминува од ДИК со долг од милион денари, Бонева од личен имот има само Опел Астра и кредит

by fokus 10:35
10:35

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, и уште двајца членови предложени на СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, вчера ги доставија своите оставки до Собранието како резултат на притисокот од јавноста. Освен оставките, тројката ги врати назад во буџетот и бонусите кои си ги поделиле меѓу себе ДИК-овци по последните три изборни циклуси, а во висина од неколку просечни плати.

Чичаковски заминува од ДИК со долг од 17.000 евра, земен во 2010 година, а кој ќе треба да го отплаќа 20 години. Освен долгот во неговиот скромен анкетен лист е наведен и стан од 69 метри квадратни во Скопје, во вредност од 70.000 евра.

- Advertisements -

Виолета Дума, пак, поседува два стана, еден во Скопје со површина од 102 метри квадратни, и еден во Охрид голем 37 квадрати. Има уметнички и колекционерски предмети, цитроен од 10.000 евра, и фолксваген пасат од 22.000 евра, на име на брачен другар. Од заеднички имот има заштеда во готово од 30.000 евра.

Игор Милев, уште еден член на ДИК, кој си поднесе оставка по реакциите во јавноста, поседува стан во Скопје и фолксваген голф. Милев има сопственички удел и добива дивиденда, но има и четири кредити во вкупен износ од над 90.000 евра.

Силвана Бонева, пак, од личен имот пријавила само опел астра од 2009 година во вредност од 6.500 евра и кредит од 10.000 евра.  Од заеднички имот Бонева навела две штедни книшки во Стопанска банка во вкупна вредснот од 3.000 евра, а на имот на родителите стои деловен простор и куќа со двор во Струмица. Во нејзиниот анкетен лист ги нема двата стана кои, како што објави СДСМ пред две години, наводно биле во сопственост на нејзините синови.

Најдолг анкетен лист има Сашо Срцев, исто така предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Срцев поседува стан од 79 метри квадратни во Скопје и стан во изградба во Охрид. Освен тоа има и куќа од 116 метри квадратни во Скопје на име на брачен другар. Срцев е единствениот кој во анкетниот лист го навел и бонусот од ДИК за 2017 година, па според тоа како награда за ангажман како член на ДИК годинава, Срцев добил 5.483 евра. Тој има и заштеди во неколку банки.

Потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, пријавил куќа во Арачиново од 166 метри квадратни, мерцедес од 4.000 евра, скромна заштеда во банка и кредит од 10.000 евра.

Субхи Јакупи, пак, пријавил само куќа со двор во Гостивар, фолксваген голф од 18.000 евра и парични средства во износ од 60.256 евра.

Последниот и најнов член на ДИК е Ермира Асани Салија, предложена од БЕСА пред одржувањето на локалните избори, со што само еднаш го искористила правото на бонус. Според нејзиниот анкетен лист од личен имот има само моторно возило СААБ и златен накит вреден 10.000 евра. Од заеднички имот и имот на брачен другар пријавила земјиште во Врбен, куќа со двор во Црна Гора со површина од 210 метри квадратни, три куќи со земјиште во село Врбен и Гостивар, автомобил форд галакси и мотор јамаха.

 

Поврзани новости