Бел ден нема да видиш, му рекол еден од алфите на Бошковски додека му држел пиштол на глава

by fokus

Со сведочење на Љубе Бошкоски на 3 септември ќе продолжи рочиштето за предметот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата, за апсењето на Бошкоски.

Во воведните зборови, обвинителот Љубомир Лапе денеска рече дека СЈО ќе докаже дека по основ на политичка определба прво обвинетиот Мијалков ги навел останатите обвинети при апсењето на Бошкоски тој душевно да страда, а сето тоа поради политичка одмазда за упатени пораки за време на изборна кампања. Според Лапе, полицајците спротивно на уредбата за средства за присилба, употребиле прекумерна сила. Полицајците, рече тој, ја послушале наредбата и ги пренеле заканите од Мијалков, а еден од обвинетите му ставил пиштол на глава и му рекол „бел ден нема да видиш“.

Како докази, обвинителот Лапе рече дека ќе бидат приложени снимки од неколку телевизии и видео снимки од МВР од денот на апсењето, како и писмените докази поткрепени од т.н. бомби.

– Последицата од апсењето односно душевното страдање ќе се докаже со медицинска документација, рече Лапе.

Бранителот на Мијалков и на дел од обвинетите, Петар Василев се повика на помилувањето на претседателот Иванов и предложи ослободување од кривична одговорност за обвинетите. Рече дека судот ако продолжи да го води овој предмет ќе го прекрши Законот и ќе го оштети Буџетот на РМ. Според адвокатот Љупчо Шврговски во самиот акт со кој се обвинети Мијалков и другите шестмина, применет е термин кој го нема во ЗКП, а тоа е наведување. Одбраната, рече тој, ќе докаже дека нема доказ за наведување ниту од вербалните, ниту од аудио материјалите. Шврговски, истакна дека ќе докаже дека Бошкоски давал отпор во апсењето и од тие причини обвинетите постапиле како што треба.

Сите обинети пред судот се изјаснија дека не се виновни.

Поврзани новости