Ерсте Кард Клуб ДОО официјално ја презеде франшизата Динерс Клуб Интернационал во Србија, Македонија и Црна Гора

by fokus

Се реализираше трансакцијата со која Ерсте Кард Клуб ДОО (ЕКК), со седиште во Загреб, се стекна со 100% сопственост врз друштвата Динерс Клуб Интернационал Белград ДОО од Белград и Динерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ од Скопје, а посредно и над друштвата Динерс Клуб Интернационал Монтенегро ДОО од Подгорица и ДК Травел од Белград. Претходно беа добиени одобрувања од надлежните регулаторни тела и беа исполнети формалноправните услови од Договорот за купопродажба на деловните удели меѓу СКБ Капитал С.А. од Луксембург и ЕКК, потпишан во ноември 2016 година.

Со тоа ЕКК официјално го презеде ексклузивното право на издавање и прифаќање на Динерс Клуб картички, односно одговорноста за понатамошен развој на брендот на Динерс Клуб и понатамошното работење на територијата на Република Србија, Република Македонија и Црна Гора. Преносот на лиценцата на ЕКК, како и понатамошниот развој на работењето на наведените пазари беше поддржан и одобрен од Динерс Клуб Интернационал, како давател на франшизата.

„Драго ни е за успешната реализација на трансакцијата и тоа во рокот што беше најавен кога се потпишуваше договорот во ноември минатата година, што дополнително ја потврдува сериозноста на нашите намери. Сега во целост може да се посветиме на нашата главна цел, а тоа е понатамошен развој на работењето на Динерс Клуб на пазарите во Србија, Македонија и Црна Гора и осигурување на врвен квалитет на услугата кон клиентите“, истакна по овој повод Марија Радониќ, заменик претседател на Управата на ЕКК задолжена за регионално работење. „Развиениот деловен модел и успешното работење на пазарите не само во Хрватска, туку и во Словенија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Бугарија и Романија, каде што сме присутни од порано, претставуваат силна гаранција за нашата одлучност и посветеност во остварувањето на зададените цели, согласно со стратегијата за понатамошно јакнење на регионалното присуство во регионот на југоисточна Европа“ заклучи Радониќ. 

Обрад Сикимиќ, досегашниот прв човек на Динерс клубот на територијата на Србија, Црна Гора и Македонија, кој има поминато над 25 години активно работење на позиционирањето на брендот Динерс Клуб во овие земји, наредните пет години ќе ја врши функцијата претседател на надзорниот одбор на ДКИ Белград. Во наредниот период ЕКК во јавноста ќе ја претстави деталната деловна стратегија на пазарите на Србија, Македонија и Црна Гора.

 Ерсте Кард Клуб ДОО е картична куќа со преку 550.000 издадени кредитни картички во Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. Дел е од една од најголемите банкарски групации во средна и источна Европа, Ерсте групацијата и партнерот во регионот, „Steiermärkische Sparkasse“ од Грац. Освен франшизата Динерс Клуб во Хрватска, која е една од 10 најголеми и најуспешни во светот, ЕКК е сопственик и на Динерс Клуб во Босна и Херцеговина и Словенија, а присутен е и на пазарот во Унгарија, Бугарија и Романија во сегментот прифаќање картички.

Поврзани новости