Ермира Мехмети: Рокер во наметка на политичар

by Фокус 11:21
11:21

Како дете сакала да биде уметник. Научила да свири на виолина, па дури и имала свој личен рок-бенд. Уметноста ја користи да создаде свој личен политички белег, сакајќи да го оствари сонот на својот татко. Како мајка, во својот син препознава знаци на политички наследник.

- Advertising -

Верна на семејството и неговите цели, желна е да ја обезбеди иднината на својот син. Топла, нежна, трпелива како мајка, емотивна и грижлива како сестра, политичар со внимателно креиран имиџ и уметника душа, правник по образование, кој не подлегнува на провокации.

Ермира Мехмети со своето синче Албес беше нашето друштво во Скопје Сити мол. Албес e темпераментно момченце, кое наскоро ќе полни 2 години. За да ѝ овозможиме на мајка му малку да се опушти, ги исполнивме сите негови детски желби. Прошетката ни почна со балони, па застанавме следејќи го неговиот љубопитен поглед пред фантастичната фигура од лего-коцки. До игротеката „Имагинариум“ стасавме, со внимателни паузи комплетно искористени за анализа на сите играчки, кои ги лоцираше неговиот поглед во продавницата „Теа колорс“.

Во игротеката „Имагинариум“ неуморно трчкаше постојано барајќи нешто што би го заинтересирало. Додека играчките го окупираа неговото внимание, ние побаравме внимание од неговата мајка Ермира Мехмети.

ФОКУС: Каква е всушност вистинската Ермира, онаа која го гушка своето синче, а не е под  будното око на јавноста?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Веројатно нежна и чувствителна како секоја мајка, потресена и вознемирена кога малечкото повраќа по цела ноќ и не се чувствува добро. Таа Ермира е жена како секоја жена, и мајка како секоја мајка. Го капе, го пресоблекува, го милува и го гушка бескрајно своето чедо. Таа Ермира му раскажува бајки, му црта авиончиња и му ги учи животните и нивните звуци, како и секоја мајка на светот. Веројатно звучи невозможно, но тоа е периодот во кој најмногу уживам и кој ме исполнува со позитивна енергија и сила за новиот ден. Нема попрекрасно чувство од чувството што мајката го доживува кога ќе ѝ се насмевне нејзиното дете или кога ќе ја прегрне онака искрено, невино, беспомошно. Тоа ме преродува!

ФОКУС: Вашето синче наскоро ќе наполни две години. Првите три години се најтурбулентни и најдинамични кај секоја мајка. Како се справивте вие во првите две? Дали вашата политика во мајчинството даваше успешни резултати?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Мојот син Албес е исклучително темпераментно и хиперактивно дете. Мрази да спие, воопшто не издржува во седната позиција и постојано сака нешто да прави. Кога сме надвор, тој шета во трчање, а кога сме дома, или игра и скока со музика, или го превртува ајпадот или истражува низ библиотеката на мама, па сите книги ги фрла по станот. Јас во мајчинството не сум воопшто вешт политичар, но тие што го познаваат мојот син, уште од неговото раѓање велат дека тој ги има апсолутно сите знаци на умешен политичар. Ќе видиме!

ФОКУС: Психолозите сметаат дека децата на возраст од две до пет години може да совладаат неколку јазици. Дали и вие ќе го употребите овој факт како добра воспитна техника?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Албес веќе покажува знаци на способност за владеење неколку јазици. Песничките на англиски јазик што ги пуштаме на интернет, ги пее течно, без разлика што не знае за што станува збор. Соседите Македонци успева да ги поздрави со „добал ден“, а на мајчиниот албански јазик знае да ги каже дури и покомплицираните зборови за неговата возраст. Јас верувам дека во повеќејазична средина децата со растењето мора да успеат да ги совладаат јазиците кои се дел од нивното секојдневие. Освен тоа, како политичар, јас се вложувам во идејата да успеам мојот син да живее во Македонија како дел од ЕУ. Тој можеби ќе ја има среќата да работи како кадар низ европските институции, да гради европска кариера. Во Европа денес, повеќе не сте конкурентни само со англискиот јазик. Би сакала мојот син да совлада што повеќе јазици.

ФОКУС: Кај вас дома, кој најчесто е задолжен за читање приказни? 

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Па, најчесто чита, поточно раскажува баба, но се разбира дека и јас со задоволство го правам тоа.

Време е за промена на локацијата. Барем така ни сугерираше Албес. Одлучивме следно место во Скопје Сити мол за неговото денешно уживање да биде „Јо Го“. Насмевката на неговото лице по првиот вкус на замрзнатиот јогурт збогатен со многу бои ни покажа дека направивме вистински погодок.

Време беше и за убаво кафе, кое трпеливата мајка вистински го заслужи. Се упативме кон ресторанот „Венето“. Тоа е местото каде што Ермира Мехмети често знае да се опушти. Во ресторанот „Венето“ имаше едно интересно музичко случување, кое го окупираше вниманието на посетителите на Скопје Сити мол. Некои луѓе велат дека ако сакаш да дознаеш каква е некоја личност, само однеси го на кафе. Изборот на кафето во ресторанот „Венето“, нашата соговорничка го направи мошне лесно, па според  проценителите на личност по вкусот на кафе, станува збор за личност која точно знае што сака и со леснотија го наоѓа патот да го реализира тоа што го сака.

ФОКУС: Пред извесно време имавме можност да ве видиме во една малку поинаква улога, надвор од професијата во која ве познаваат во Македонија. Едно убаво попладне Ермира беше диџеј. Па, ете од тука би ја почнале вашата приказна. Каква музика сака да слуша Ермира? Која е вашата омилена песна? Носат ли некои песни што ги слушате и ваши спомени?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Музиката отсекогаш била дел од мене. Како мала одев во нижо музичко училиште и свирев виолина. Со мојот постар брат, како тинејџери, имавме рок-бенд со некои пријатели и свиревме и пеевме заедно. Понатаму, немав можност поактивно да се занимавам со музика, но таа остана дел од мене, како и уметноста воопшто. Отсекогаш сум сакала да станам уметник, па можеби затоа и политиката ја доживувам поинаку, можеби со повеќе уметничка авангарда… Денес слушам повеќе или помалку секаква музика, но меѓу омилените бендови, како поранешен рокер, со големо задоволство слушам британски поп, поп-рок, некоја блага алтернатива… На прво место меѓу моите бендови убедливо се сместени: „Колдплеј“, „Кин“, „Франц Фердинанд“, „Оејзис“… Тие беа и во изборот на музика што ја пуштав летоска, во улога на диџеј Ермира Мехмети.

ФОКУС: Го споменавте братот со кој како дете имавте бенд. Каква е Ермира како сестра? Дали сте блиски со своите браќа?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Мојот однос со моите браќа е свет! За нив сум во состојба да сторам сѐ, па дури и невозможното! Со мојот постар брат сме особено блиски поради малата разлика во годините, но и поради фактот што сме растеле заедно. Со него слушаме иста музика, имаме безмалку исти познанства, премногу сличности. Особено сум блиска со браќата, а и среќна сум што и тие се блиску до мене. На нив сметам кога ми е најтешко!

ФОКУС: Последниов период се најдовте во центарот на медиумското внимание. Дел поради политика, дел поради вашиот интимен живот. Неколку медиуми се обидоа да изнесат информации дека се разделувате од својот сопруг. Дел од нив фатија погрешна насока, припишувајќи ви и непостоечка љубовна афера. Колку сето ова ве погоди?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Прочитав некаде дека трагедијата, уште од времето на Шекспир, важела како најзабавна форма за широките маси. Откако постои човештвото, постои и таа човечка состојба или потреба да припаѓаме во определена група. Најчесто сакаме да сме меѓу добрите, саканите, успешните и чесните. За да ја добиеме таа група, мора да ја идентификуваме и спротивната – на злите, осамените, неуспешните, нечесните. Луѓето ги гледаат политичарите како некаков успешен модел, па кога ним ќе им се случи трагедија, тоа ги прави подеднакво кршливи и ранливи како и секој обичен човек. Затоа луѓето имаат потреба од такви приказни. Ако не постојат, тогаш ги измислуваат. Јас не им забележувам, ниту ги обвинувам, ниту ги презирам. Сето тоа е човечка природа, која ја почитувам и се носам со неа како што јас мислам дека умеам и можам.

ФОКУС: Се обидовте на културен начин да објасните дека изнесените информации се невистини, иако како правник можевте да им одржите добра лекција. Посебно затоа што имаше медиумски ликови кои упатуваа невкусни и вулгарни коментари на ваша адреса. Не беше Саше Ивановски единствениот во пласирање на приказната во јавноста. Дури и водителот Миленко Неделковски се обиде на недостоинствен начин да го употреби вашето име поттикнувајќи различни толкувања на социјалните мрежи. Дали некоја од вашите колешки во Собранието се обиде да ве поддржи? Дали некој се обиде да застане во одбрана на вашите права како жена?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Јас се обидувам да не го контаминирам мојот мозок со изливи на омраза и омаловажувачки јазик, каков што слушаме секојдневно од определени новинари и медиуми. Дури и по хајката во која ме наместија, ќе продолжам да се ангажирам за слобода на изразување и градење демократска медиумска култура. Тоа е мојот голем квалитет, кој и покрај сите  малограѓански начини и обиди да го урнат преку вакви јавни напади, или можеби се испади, не сум сигурна дека успеале да го уништат. Верувам дека тие што веруваат во мене, во ниту еден момент не се ставиле пред некаква дилема дека такво нешто би можело да биде вистина. И тука завршува за мене оваа евтина приказна.

ФОКУС: Сметате ли дека сето ова беше обид за поентирање на вашите политички противници?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Да, тие, за жал, се обидоа да поентираат на овој евтин начин. Продолжуваат тоа да го прават и понатаму. Но, секој од нив, длабоко во себе, знае дека ја промашил поентата и дека се огрешува. Таква фабрикација, после мене може да се произведе за која било жена во јавниот живот. Прашањето е дали со таква леснотија и без каков било доказ смееме да си дозволиме да осудуваме?!

ФОКУС: Дали е едноставно да се биде политичарка во Македонија, земја каде што мажите сѐ уште доминираат?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Политиката не е лесна професија за жена. Партиските активности најчесто се случуваат надвор од работното време, траат долго и доцна, а се многу напорни. Треба добро да се подготвите за да успеете како жена да се наметнете во едно такво работно темпо. Тоа е динамично темпо во кое скоро и да нема слободен викенд, во него празниците секогаш ви ги планираат за некаква активност, а особено пред избори, попладневните часови се секогаш програмирани за активности во базата. Воопшто не е лесно, ниту, пак, едноставно!

ФОКУС: Со оглед на тоа дека и вашето образование се врзува со политика, Вие сте магистер по компаративна политика на Лондон скул оф економикс. Дали секогаш посакувавте да бидете тоа? Дали и како дете знаевте дека ќе бидете политичар?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Па, знаев дека ќе бидам политичар бидејќи потекнувам од семејство со доста специфичен однос кон политиката. Мојот дедо и мојот татко биле политички прогонувани. Тие биле и политички затвореници во поранешна Југославија. Нивните поинакви размислувања во врска со поранешниот режим и особено начинот на кој биле третирани Албанците имаат висока цена за нашето семејство. Од тие причини, јас верувам дека мојот татко отсекогаш посакуваше јас да станам политичар, можеби веруваше дека нешто ќе успеам да променам. Тој дури ми велеше: „таму каде што застанав јас, ти продолжи; она што јас не го постигнав, ти доврши го“. Кога растете во таква средина, некако природно се подготвувате за вашата следна професија, која во случајов  е политиката. Жалам што тој не живееше доволно долго за да го доживее денот кога станав пратеник. Но, се надевам дека ќе успеам да постигнам барем малку од она во што веруваше тој.

ФОКУС: Кој се наоѓа на листата политичарки кои вие лично ги сметате за свој идол?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Мој модел на политичар од Западот е поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт – борбена, решителна, хумана и академски поткована личност.  Жена со симболична семејна историја и минато, но апсолутно маркантна во дипломатските способности и мајсторството да ја постигне целта. Би сакала да станам како неа! Од Истокот без дилеми е поранешната пакистанска премиерка, покојната Беназир Буто. Жена-политичар во патријархално општество, образована на најдобрите универзитети во Британија и во САД, голем поборник за демократските вредности и жртва на сопствените убедувања. Премногу сличности со општествениот контекст во кој и самата дејствувам.

ФОКУС: Ве сметаат за една од најубавите политичарки во Македонија. Дали овој факт годи или повеќе пречи во политичкиот свет?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Им благодарам на тие што мислат така. Јас се обидувам во мојата работа секогаш да се поставам и да пристапам професионално – во јавна професија, професионалноста не подразбира само познавања од проблематиката, туку и јавен настап. Јавниот настап подразбира стил и начин на облекување, начин на носење на косата и особено начин на шминкање. Настојувам тоа секогаш да биде комбинација на пристојност, елеганција и репрезентативност. Верувам дека добро се снаоѓам, барем досега.

ФОКУС: Политиката изморува, можеби повеќе од некоја друга професија. Па, како ги полните батериите во миговите кога немате обврски?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Јас се обидувам да спортувам, колку ми дозволува времето. Во зима скијам, а во текот на летото пливам. Во периодот меѓу двете сезони, вежбам помалку по нешто.

ФОКУС: Жените што читаат се опасни. Се плашат ли луѓето на овие простори од убави и паметни жени?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Се согласувам целосно – жените што читаат се многу опасни, но и мажите што читаат се бескрајно заинтригирани од таквите жени, а тие што не читаат се бескрајно опседнати како да им наштетат! Во општества во кои интелектот и знаењето не претставуваат вредност, битката против учените и паметните е постојана, а ако станува збор за жена, таа битка станува безмилосна. И за жал, не мислам дека ја водат само мажите, туку и меѓу жените има такви што се борат против паметни, учени и убави жени.

ФОКУС: Која е вашата дефиниција за љубовта?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Не верувам дека љубовта има дефиниција. Тоа е душевна состојба на исполнетост, сјај во очите, насмевка на лицето, позитивно расположение, сила која извира однатре и како да ви вели дека не постои невозможно, недостижно, недопирливо нешто на светот! Љубовта за мене е топлина, радување на мали нешта, чувство на удобност и сигурност, а сето тоа неповратно, безусловно, независно од другата страна.

ФОКУС: Кој е вашиот неостварен сон?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Навистина не знам. Секој ден имам некој нов сон. Така сум постојано активна и не дозволувам да се заморувам или да ми здодее од работата што ја работам. Мојот неостварен сон, всушност, не се однесува на личната реализација и кариера, туку на стравот дали ќе успеам на луѓето што ме сакаат и ме гласаат да им ги исполнам очекувањата и ветувањата.

ФОКУС: Кое е вашето омилено место каде што сакате да побегнете од сѐ?

ЕРМИРА МЕХМЕТИ: Нашата семејна викендичка во Улцињ, Црна Гора. Далеку е од градот и од цивилизацијата, нема интернет-конекција,  а има шармантно дворче. Таму најрадо би побегнала од сѐ!

Нашата прошетка со Ермира Мехмети во Скопје Сити мол ја заокруживме задоволни дека успеавме да откриеме една поинаква дама-политичар, која вообичаено ја познаваме.

Фото: Фокус, 2014

Поврзани новости