Ердоган се закани: Турција ќе го возврати ударот!

by fokus

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во саботата, ден по остриот пад на националната валута, истакна дека против Турција се води економска војна и најави дека земјата ќе го возврати ударот, но не именуваше ниту една друга држава.

Откако претседателот на САД, Доналд Трамп, двојно ги зголеми царините за турскиот челик и алуминиум, Ердоган, падот на лирата за 18 отсто во однос на доларот во петокот, го опиша како проектили на економска војна испукани кон Турција.

„Оние кои планираа да извршат државен удар во јули 2016 година, сега истото сакаат да го сторат на економски начин“, рече Ердоган во говорот на политички собир.

„Оние кои не можат да се носат со нас, извршија дигитални валутни заговори кои немаат никаква врска со реалноста во нашата земја, со нашето производство и реалната економија“, рече Ердоган на собирот на неговата партија АК во градот Ризе на Црното Море.

„Нашата земја не пропаѓа, ниту е уништена, ниту е во банкрот или криза“, тврди тој.

Турскиот претседател не го спомна конкретниот рок даден за Турција да го екстрадира американскиот пастор Ендрју Брунсон, но рече дека Турција не може да биде загрозена.

„Тие се закануваат, но треба да знаат дека ова не е било која земја. Ова е Турција“, рече Ердоган.

Поврзани новости