Ердоган се закани дека ќе ги пушти терористите назад во Европа

by fokus

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја предупреди ЕУ дека неговата држава би можела да ги ослободи припадниците на терористичката група Исламска држава и да ги испрати назад во Европа.

– Треба да го ревидирате својот став кон Турција, која држи в затвор многу членови на ИД и ги контролира во Сирија, истакна Ердоган.

На овој начин турскиот претседател реагираше на најновите санкции кои ЕУ ги најави за Турција поради Кипар, додавајќи дека неговата земја ќе продолжи да ги враќа странските припадници на ИД во своите матични земји, дури и ако тие одбијат да се вратат.

ЕУ вчера претстави систем според кој ќе се воведуваат санкции против Турција поради недозволеното дупчење во водите на Средозменото Море во близина на Кипар за експлоатација на гас.

Тој, исто така, не ја исклучува можноста Турција „еден ден“ да ги прекине преговорите за членство во ЕУ.

– ЕУ применува санкции против нас од 1959 година. Тие секогаш нè лажеа со ветувања дека ќе нè прифатат. Но, ветувањата не се исполнети. Треба да знаете дека денес Турција е земја која седи со вас на преговарачка маса, но ние не сме врзани за таа маса. Преговорите можат еден ден да завршат, рече турскиот претседател.

Ердоган, исто така, нагласи дека за време на утрешната средба во Белата куќа ќе му се пожали на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД не го ислолниле договорот од минатиот месец за повлекување на курдските Сили за заштита на народот од реонот во близина на границата со Турција.

Веднаш по враќањето од САД, Ердоган планира телефонски да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин во врска со обврските од договорот од Сочи за расчистување на територијата во североисточниот дел на Сирија од терористи.

Поврзани новости