ЕП го поддржа Договорот за Брегзит: Сите сме тажни што дојдовме во ова

by fokus

Европскиот парламент со 621 глас „за“, 49 против и 13 воздржани го поддржа Договорот за излез на Велика Британија од Европската унија.

Одобрувањето на Европскиот парламент и официјалната согласност на Советот е последната законска процедура неопходна за Велика Британија да ја напушти Европската унија на уреден начин на полноќ на 31 јануари.

„Историското гласање“, со кое се потврдува првото спогодбено напуштање на ЕУ од страна на некоја земја-членка, помина во церемонијална атмосфера.

Британските пратеници, зависно од своите политички определби, најавија прослава за петок на полноќ или порачаа на ЕУ дека ќе се вратат.

– Сите сме тажни што дојдовме во ова – долгогодишна земја членка да го напушти ЕУ семејството. Ние секогаш во целост ја почитувавме одлуката на британскиот народ. Вие сте наши партнери и сојузници и секогаш ќе имаме блиски односи. Вие ја напуштате ЕУ, но секогаш ќе бидете дел од Европа, рече претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли по гласањето.

Европскиот парламент за 1 февруари планира церемонија за симнување на знамето на Велика Британија, кое се наоѓа пред седиштето на Парламентот во Брисел, покрај знамињата на другите 27 земји-членки.

Британското знаме ќе биде вклучено во колекцијата на Музејот на европска историја што се наоѓа во непосредна близина на Европскиот парламент во Брисел.

Поврзани новости