Елвир Мекиќ, Есма и Силви Бенд добија државни пари за снимање на песни

by Фокус

МРТ денеска ја објави листата за избор на нови композиции од вториот квартален конкурс за 2015 година, кои ќе добијат државни пари односно, субвенции за нивно снимање.

Во категоријата „Ѕвезди“, субвенции се доделуваат за три песни, а во овој квартал беа одбрани две песни на Силви Бенд и една на Есма Реџепова. Висината на субвенциите за една песна е 4.500 евра, од кои една третина се предвидени за снимање на спот, а останатиот дел е за снимање за аудиото.

Во категоријата „Композиции со кои се афирмирани семејните вредности во општеството или многудетните семејства“ одбран е Елвир Мекиќ и песната „Што ве имам“. Ова на Елвир нема да му биде прва песна во која пее за семејните вредности и за тоа добива пари од државата.

Во категоријата „Композиции со кои се афирмира историјата на Македонија“ за субвенции се одбрани Влатко Илиевски со песната „Македонка“ и Душко Темелковски за композицијата „Наша земја Македонија“.

Комисијата која ги одбира композициите на кои ќе им додели субвенции е составена од Васил Фотиу (претседател), Јошко Бошковски, Васка Наумова Томовска, Лилјана Автовска, Ристо Апостолов, Симеон Иванов Канго – членови на Комисијата.

-Врз основа на член 3 од Законот за поддршка на домашна музичка продукција, а со цел потикнување на развојот на домашната забавна и народна музика, ЈРП Македонска Радиотелевизија Скопје, со средства од Буџетот на Република Македонија, а по пат на конкурс, секоја година ќе финансира создавање на 200 нови композиции, велат од МРТ.

Поврзани новости