Ели Пешева: Квалитетот не е флексибилна категорија

by Фокус 12:55
12:55

Астролошката припадност на Водолијата, надополнета со Лавот, кој во заднина ги влече конците на нејзиниот карактер, ни откриваат дека денешно наше друштво е некој што е комуникативен, но едновремено и амбициозен. Комуникацијата е секогаш на нејзина страна. Без разлика дали ја практикува како новинар или како човек од сферата на маркетингот. Прецизно ги дефинира своите цели, обидувајќи се да се реализираат без големи отстапувања. Гурман по природа, вљубена во слаткиот вкус, но и силна бизнис-дама.

Духот на младоста ја однесе на студиите по новинарство. Праксата ја внесе во новинарскиот свет. Весници, радио, телевизија, медиумите во кои го печеше овој занает. Почна со  пишување во весник, продолжи со утринска програма на радио. Следен проект беа вестите. Активното следење на меѓународната сцена беше поле на кое почна да се изразува на телевизија. Продолжи со магазинот „Зебра“, кој успеа да спои два медиума, телевизијата и интернетот.

- Advertisements -

ФОКУС: Кога вашиот живот би бил телевизиска серија, во кој жанр би ја сместиле вашата?

ПЕШЕВА: Со оглед на структурата и карактерите на постојаните жители и константните гости во нашиот дом, ние сме материјал за сит-ком серија.

Од саркастичното генијалче, убавицата со карактеристики на пивопијач, ликот кој во огледало го препознава Мет Дајмон, спортскиот фанатик, пејачот на опери, другарката на Лепа Брена од Брчко, несреќните јужнососедски љубови, пријателите со искуства од Австралија до Америка, блесавото куче што се плаши од муви и бабата што бега од него, дефинитивно комедија во многу продолженија.

ФОКУС: Имаме ли ние политичар од калибарот на Френк Андeрвуд од популарната серија „Куќа од карти“?

ПЕШЕВА: Не би рекла. Ние немаме ни политика од калибарот на онаа од серијата.

ФОКУС: Колку во неа има одлични насоки што треба да се анализираат за да им се посочат на политичарите од домашната сцена?

ПЕШЕВА: Мислам дека филмските студија добро ја имаат позиционирано опседнатоста на јавноста со Белата куќа, како синоним за најмоќната личност во светот. Некои од најгледаните и најпопуларни серии и во минатото, како „Западно крило“ на пример, или актуелните „Куќа од карти“ или „Скандал“, се сместени токму таму.

Но, ако внимателно забележите, во сценаријата, претседателот никогаш не е централната личност, туку тоа се луѓето од неговото опкружување, најблиските политички соработници, но и експертите за односи со јавност. За мене оваа споредба е многу поинтересна, откривањето на вистински влијателните личности околу најмоќната фигура во општеството, како го пласираат своето мислење, како се натпреваруваат меѓу себе, чии интереси реално ги застапуваат, како се справуваат со медиумски кризи, како се однесуваат кон новинарите, колку се подготвени да одработат меѓународна, дипломатска ситуација, како се наградени за успешната работа, како се казнети за промашувањата.

ФОКУС: Вашата медиумска кариера почна паралелно со студирањето на новинарство. Ако фрлите поглед наназад, кој медиум најмногу ви легна?

ПЕШЕВА: Почнав во печатени медиуми, пишував студентско-истражувачки стории за магазини, па работев во радио, па преминав во телевизија.

Од трета мајка ја најдов мојата голема љубов, изразувањето во слики и ден-денес е мојот најголем предизвик, уживам во љубовта со камерите, моќта на телевизијата е фасцинирачка, никогаш немам смрзнувачка трема, само адреналин. Веќе 8 години не сум дел од конкретна редакција, но цело време работев на надворешен проект, „Зебра“, кој оваа година наполни 10 години и дојде до своето пензионирање.

Не сме се простиле со телевизијата, ја оставам вратата отворена за нови проекти или можеби за мојата најголема желба, истражувачко документарни емисии кои содржински се забавни, а суштински корисни за општеството.ФОКУС: На радио „Уно“, своевремено, заедно со уште една ваша колешка, водевте утринска емисија. Во светски рамки, проектот „утринска програма“ е најчесто клучниот, кој носи гледаност или слушаност, па му се посветува особено внимание. Најчесто во улога на домаќини се искусни и посебно умешни медиумски лица. Ако направиме паралела кај нас, кој го задоволува тој критериум?

ПЕШЕВА: Тоа се проекти кои имаат харизматични и забавни водители, да блика хемијата меѓу нив, креативни продуценти кои знаат да намирисаат интересни приказни, кои имаат кредибилитет да донесат ВИП гости, тим кој може да спакува приказна од секојдневниот живот, живи, динамични разговори, со многу софистициран хумор. И сето тоа брзо, лесно, забавно. Статистиките велат дека вниманието на гледачот можете да го задржите 7 секунди. Само 7.

Нема време за телефонски исповеди. Тоа е толку бавно, едноставно е телевизија на 20 век.  Овој век е брз и динамичен, луѓето немаат ниту време, ниту нерви да газат толку полека. Мора да се биде многу креативен. Последен пат кога бев во Њујорк, денот ми почнуваше со утринската програма на Си-Би-Ес, „This morning“ со брилијантните Гејл Кинг, Чарли Роуз и Нора О’Донел. Нема шанса да не го наелектризираат денот. Кога завршува нивната емисија, едноставно на човек му е убаво. Се фаќаш дека си расположен.

ФОКУС: Како изгледаше утрото кога вие ги будевте слушателите на радио, на што трошевте најмногу внимание?

ПЕШЕВА: Тоа беше средината на 1990-тите, ерата на интернетот само што почнуваше. Уште се потпиравме на различни интересни стории од странскиот печат. Сега од оваа дистанца, имам впечаток како да сме оделе пеш, боси. Но, се сеќавам дека бевме возбудени, еуфорични, размуабетени уште од 6 изутрина.

ФОКУС: Која е радиостаницата со која вам ви почнува денот?

ПЕШЕВА: Мојот ден е полн со врева, и одвреме навреме сакам да се почестам со малку тишина. Но, кога пуштам радио, најчесто во автомобил, ги слушам 60 добри минути на Антена 5 или Петар за појадок и пауза на Метрополис. Потоа се префрлам на интернет-радио, casetophono.com, на кое има повеќе од 200 плеј-листи на различни теми, од „среќни утра“, „вежбање“, „чистење“, „време за кафе“, „убави улици“, „среќа“, „меланхолија“, „дожд“, „плажа“. Си го одбирам расположението.Како и секоја дама, окото го храни со преглед на омилените излози, пред да го направи својот избор. Денес со нас ги сподели и своите шопинг локации, како омилени места каде што најчесто знае да се пронајде себеси додека се шета во Скопје Сити Мол. Приказната за нејзиното селење од радио на телевизија ја следевме додека одбиравме нови парчиња во просторот на Fashion&Friends. Концепт на мултибренд продавници каде што се среќаваат најголемите имиња во урбаната облека, обувки и галантерија, како Replay, Diesel, Hugo Boss Orange, Gaudi, Guess, Levi’s, Scotch&Soda, Maison Scotch, Desigual, New Zealand и Cesare Paciotti.

ФОКУС: Од радио се преселивте на телевизискиот екран. Во тоа време конкуренцијата беше навистина предизвикувачка. На екран не можеше да се појави лице кое не го испекло занаетот доволно. На што се сеќавате од времето кога вие бевте дел од МРТВ?

ПЕШЕВА: На моментите кога постарите колеги ќе се загрееја околу некоја тема и со часови ќе аргументираа, ќе ги бараа сите новинарски страни за покривање, на милионите телефони што ќе ги свртевме, барајќи потврди, на возбудата кога ќе се качевме во документација во потрага по идеалните видеоинсерти, на бункерите на МТВ кои ја имаа целата политичка и културна историја на нашата држава документирана, а само еден човек, ги знаеше сите касети по точен број.

Бевме среќни, кога како млади, еуфорични новинари ќе ни дадеа тема за која можевме да истражуваме, сметавме дека сме казнети ако добиевме прес-конференција. Уште посреќни бевме, кога на утринскиот колегиум наша идеја ќе беше прифатена за тема на денот. Колку ентузијазам имаше во тие сиви ходници. Од прилози за годишнината на „Остен“ на пример, се обидувавме да изведеме автентични приказни. Само т.н. стари волци ги добиваа големите приказни, политичките теми, партиските активности.

ФОКУС: Вашиот телевизиски проект „Зебра“ се обиде да направи револуција со спојување на телевизијата и во моментот најинтересниот медиум во Македонија – интернетот. Што научивте од оваа врска?

ПЕШЕВА: „Зебра“ во последните две сезони, со поддршка од Кралството на Холандија, се подигна на едно ново ниво, станувајќи првата комбинација на телевизиски и интернет-проект, кој беше стримуван двапати неделно. Ни се потврди теоријата дека во нашата држава има многу умни млади луѓе, кои не одбрале нивната вокација да биде поврзана со медиуми, но имаат здрави и најчесто спротивставени ставови, кои не се плашат јасно да ги кажат и уште поуверливо да ги бранат.

Во нашето студио комбиниравме многу познати гости од јавниот живот со гости кои за првпат застануваа зад камерите и можам слободно да кажам дека ги имавме некои од најдобрите дебати во 10-годишната историја на емисијата. Драго ми е што ја отворивме платформата за новите креатори на јавно мислење, кои никогаш не помислиле дека ќе станат тоа, но всушност му дадоа глас на нормалниот млад човек. Драго ми е што запознав навистина умни луѓе, кои и денес со задоволство ги читам и ги следам на социјалните мрежи и кои секогаш имаат нешто вредно да споделат.

Особено интересен беше податокот кој ни покажа дека нашите емисии во живо, преку веб-страницата на „Зебра“, во поголем процент, ја следеле луѓе преку своите мобилни телефони, отколку на компјутер. И дека многу повеќе нѐ следеа на интернет отколку на телевизија. Тоа дефинитивно го означува почетокот на крајот на доминацијата на телевизијата како медиум и почеток на ерата на доминацијата на интернетот. Но, заедно се многу моќна комбинација.Нашата прошетка во Скопје Сити Мол застана на местото каде што жените се обидуваат да го разиграат својот стил. Parfois е португалски бренд посветен на изработка на модни додатоци, како чанти, чевли, шалови, капи, марами, очила за сонце, накит и слично. Parfois постои од 1994 година и е основан од Мануела Медеирос, чија цел била да создаде уникатни и неодоливи модни додатоци за прифатлива цена. Г-ѓа Медеирос сѐ уште активно учествува во создавањето на новите колекции заедно со дизајнерските тимови лоцирани во Порто и во Барселона. За тоа колку овој бренд е динамичен, кажува и самиот факт дека се произведуваат повеќе од 3.500 модели на производи во текот на сезоната, а продажните салони се надополнуваат со нови парчиња речиси секоја недела.

Ели Пешева последниов период е активна на позицијата директор на комуникации во маркетинг-агенцијата „Њу момент“. На оваа позиција се обидува да ја погледне другата страна на медиумите.

ФОКУС: Во денешно време, луѓето од маркетингот велат дека токму интернетот им олеснува многу сознанија. На пример, пренесувањето на информацијата од уста на уста тука се реализира веднаш, плус ги знаете и впечатоците. Каков е вашиот впечаток за овој медиум, посебно во вашата сегашна професионална преокупација?

ПЕШЕВА: Јасни се придобивките во слободното циркулирање на информациите. Но, токму слободата без никакви морални или етички кочници може лесно да се претвори во бумеранг. Во Македонија, интернет-сферата не се развива драматично брзо како во САД, или во Западна Европа да речеме. Трендот е нагорен, но далеку побавен отколку во развиениот свет. Полека, од година во година растат и маркетинг-буџетите на онлајн-медиумите, но не драматично, што во некоја мера е и неправедно ако се земе предвид колкава е нивната реална моќ.

Јас лично сметам дека мора да се постават некакви рамки за функционирање, во кои правото и слободата за проток на информации нема да бидат загрозени, но ќе мора да бидат почитувани конкретни професионални, етички, морални и човечки норми. Во спротивно, лесно ќе ја преминеме границата кон црни хроники, во кои животот, семејството, интегритетот и професионалниот кредибилитет на поединецот ќе нема кој да го заштити.ФОКУС: Вашата матична маркетинг-куќа „Њу Момент“ успешно ги совладува бариерите надвор од границите на Македонија. Полесно ли е да се плови во тој надворешен маркетинг свет?

ПЕШЕВА: Дефинитивно. Некои мои странски колеги, адвертајзингот во сите негови сфери веќе го сместуваат во истата категорија со шоу-бизнисот. Неговите сегменти веќе не функционираат одвоено, сѐ е поврзано. Од креативните ТВ реклами, глобалните стратегии за брендовите, нивното позиционирање во полуденото потрошувачко општество, триковите на експертите за односи со јавноста, герила маркетингот, користењето на традиционалните и новите медиуми, создавањето нови касти онлајн влијателни личности, спојувањето со ИТ технологијата, видеоигрите (гејмингот), работењето на анимирани видеопроизводи, лобирањето, огромните буџети… адвертајзингот го продава и шоу-бизнисот, а со тоа и сѐ друго. И тука нема простор за промашувања. Кога сте добри, сите сакаат да работат со вас, затоа што знаат дека ќе им испорачате добри резултати. Квалитетот е мерлив, не е флексибилен како во Македонија.

ФОКУС: Како агенција освоивте многу награди, меѓу нив секако најзначајно признание е Канскиот лав. Добивте ли понуда да работите на странскиот пазар?

ПЕШЕВА: Многу повеќе отколку дома, Титаниумскиот лав што го освоивме во Кан е врвот во нашата индустрија. На тоа доделување има 11.000 гости од маркетинг-индустријата од цел свет, има илјадници акредитирани новинари. Веста за малата „Њу момент“, од малата Македонија, на главниот подиум во Кан, која зад себе ги остави џиновите од САД, Велика Британија, Бразил и од Франција, кои работат со многу поголеми буџети и со многу повеќе луѓе од нас, се прошири за неполн час. Имавме близу 70 изјави и интервјуа за странски медиуми, внимание кое нема шанса поинаку да се сврти кон нас. И сега нѐ контактираат странски компании што сакаат да се позиционираат во регионов и пристапот кон агенцијата е како кон партнер, кој сакате да го имате на своја страна. Ние можеме да се пофалиме со нашата креативност, оригиналност, одлична организираност и врвна професионалност на тимот, со можноста да стоиме рамо до рамо со врвните агенции од светот и да знаеме дека сме подеднакво добри.ФОКУС: Доколку добиете одлична понуда, би се нафатиле ли да заминете од Македонија и да работите некаде надвор? Во моментов, на пример, Дубаи е мошне интересен за луѓето од вашата сфера.

ПЕШЕВА: Јас сакам нови предизвици, не се плашам од промени и од многу работа. Но, не сум сама, морам да размислувам и како тие промени ќе влијаат и врз моето семејство. Мојот сопруг е последниот жител на Македонија кој би заминал од неа, нашите ќерки учат во меѓународно училиште и верувам дека лесно би прифатиле промена, едниот син е тука, другиот на факултет во Љубљана, но со намера да се врати во Македонија.

Нашиот договор е: сите заедно. Барем додека децата не одлучат поинаку. Заминувањето на работа во друга држава, која не е ваша татковина, можеби изгледа егзотично и предизвикувачки, но всушност бара многу одрекувања, подготвеност да почнете сѐ од почеток, моменти во кои ќе сфатите дека ги немате вашите пријатели од стариот крај, да се потпрете на нив, свесност да прифатите дека колку и да сте добри, сепак, сте странци. Не велам дека луѓето не треба да ги бараат своите шанси надвор од државата, ниту, пак, дека по секоја цена треба да останат тука, едноставно си го следите инстинктот.Љубовта кон слатките ја донесе во еден друг бизнис. Таму активно учествува во создавањето на слатките, кои се наметнаа на пазарот со својот впечатлив вкус. Ова, пак, беше предизвикот што нѐ упати во книжарницата „Икона“ во Скопје Сити Мол, каде што баравме соодветна литература за тајните на слатките.Ели е мајка на две ќерки. Со нив  вистински ужива додека се забавуваат со пуканки на проекциите на филмските издание во Синеплекс. Нејзиното големо семејство го збогатува и домашниот миленик, за кој, и покрај бројните обврски, секогаш наоѓа слободен момент.

ФОКУС: Слатките се ваша слабост. Кој е градот каде што обично си дозволувате да уживате неограничено во светот на слатките?

ПЕШЕВА: Париз, се разбира. Врвни мајстори на слаткарството. Во јануари ќе присуствуваме на еден од најголемите саеми за слатки во Европа, кој ќе се одржува во Римини, па, ете, би оставила малку место да им дадам шанса и на Италијанците.

ФОКУС: Која е приказната на вашата куќа на слатки „О ла ла“?

ПЕШЕВА: „О ла ла“ е слатката тајна на ведрото секојдневие. Тука уживањето добива конкретен мирис, вкус и боја. Мојот обид да си докажам дека во човечкиот мозок, покрај љубов, бизнис, патувања и дневни борби, мора да има и фолдер што ќе се вика „слатко“ и дека секогаш кога ќе помислам дека денот ме згазил, ќе имам уште една станица, која ќе ми го докаже спротивното. „О ла ла“ е чисто задоволство и пресреќна и благодарна сум што и многу други луѓе се чувствуваат така.ФОКУС: Паралелно со вашата богата кариера, во раце ги чувате конците на вашето семејство. Има ли покрај толку многу обврски простор за интимни моменти?

ПЕШЕВА: Секогаш, мојот свет се врти за нив. Дури и во овој момент, моите најмили постојано ме потсетуваат дека ме чекаат, вечерва, за монопол. Масата е поставена, парите изброени, почнуваме да градиме.

ФОКУС: Џогингот е ваше ново хоби. Има ли доволно простор и време да се реализира и да се ужива во него?

ПЕШЕВА: Немате претстава колку ослободувачко искуство е додека не ја истрчате првата 5-ка, и потоа станува сѐ подобро и подобро. Дури сега откривам за колку многу работи е способно човековото тело, само ако му дадеме шанса. Вежбам и јога неколкупати неделно, фитнес и џогирам. Речиси секој ден имам некаква физичка активност, еден час, сама со себе и добра музика.

ФОКУС: Покрај сево ова имате и домашен миленик. Кој е задолжен за него? Дали вие се грижите за неговото разгалување?

ПЕШЕВА: Се вика Бо (по Лестер Бо Мекејлеб, двајцата се македонизирани Американци), голем, црн лабрадор, стар 1,5 година. Јас сум неговата ноќна смена. Сопругот му е утринската. Девојчињата го третираат како човек, танцуваат и се валкаат со него со часови. На малечката ѝ дозволува да го дотерува, му става шешири, марами, очила за сонце, дури и маска со пердуви за први април му стави. Тој седи мирен и ѝ дозволува да го сака. Во душа е пеперутка. Од кога го имаме, сфатив дека на луѓето што чуваат домашни миленици не им треба формално запознавање, поврзани се од самиот старт, како посебна каста сме, која од видување се разбира и има заедничка тема.

ФОКУС: На кој начин ги полните батериите? Постои ли нешто во кое уживате секогаш кога имате драгоцени минути слободно време?

ПЕШЕВА: Старомодното читање книги со тврди корици, наместо на таблет. Мирисот на печатената хартија. И сериите, сега сум навлечена на серии.

ФОКУС: За крај, кога вие би правеле медиум, каков програмски концепт би му обезбедиле?

ПЕШЕВА: Онаков кој, кога ќе го исклучите телевизорот, ќе ве остави со чувство на среќа, со мисла дека животот е убав, денот полн и дека заслужувате мирен сон.Нашата прошетка низ Скопје Сити Мол продолжи. Водолијата едноставно е несопирлива кога сака да ужива во шопинг. Ние само го прифативме предизвикот и уживавме.

Поврзани новости