Елена Велевска: Среќна сум што преживеавме, на финансии веќе не мислам!

by Fokus

Актуелната пандемија од која естрадата доживеа голем финансиски удар го промени животот на многу наши естрадни работници, а промените не биле единствено од финансиски, туку и од психолошки карактер. Промена на ставовите во животот, на приоритетите, како и целосно посветување на вистинските вредности, кои немаат цена, се дел од лекциите кои ги донесе вирусот и новиот начин на живот со епидемијата.

Елена Велевска, која со години наназад е една од најбараните наши фолк пејачки вели дека пандемијата, како и сите нејзини колеги значително ја променила. Не размислувала повеќе за иднината, туку се научила да живее во сегашноста. Плановите на долги патеки, кои во минатото и биле секојдневие, сега ги оставила за некои подобри времиња.

-Веќе не размислувам за иднината,туку само за сегашноста. Најпрво да се разбудиме здрави и живи и да не ни фалат луѓе, а понатаму сѐ оставам да биде како Бог што сака. Во моментов се чувствувам богата во срцево што сме преживеани, а за финансии не сакам да мислам затоа што знам да се носам и кога немам и кога имам-вели таа за ,,Фокус”.

Како самохрана мајка на три малолетни деца, додава дека средствата кои за естрадните работници беа доделени од државата, по преговорите на Здружението за естрадни уметници се добредојдени, а периодов единствена преокупација и биле децата кои треба да се едуцираат.

-Колку и да се правиме издржливи, ние, музичарите, сме најпогодени во оваа пандемија која долго трае и се повеќе ме загрижува – појаснува таа.

Поради забраната за настапи во живо, која е на сила веќе долг период, повеќе нејзини колешки запловија во водите на моделството и станаа заштитни лица на разни модни брендови, со што остваруваат приходи додека трае кризата. Велевска вели дека и пред пандемијата неретко се нашла во улогата на заштитно лице на некој моден бренд, а сега откако е во Скопје, се надева дека ќе има повеќе можности во таа област.

-И во минатото, паралелно со мојата професија, се случуваше да бидам ангажирана како нечиј моден амбасадор. Сега, откако сум во Скопје, верувам дека ќе ми претстојат и посериозни проекти на тоа поле. Животот под нови услови продолжува во целиот свет, мораме да се прилагодуваме, и да не заборавиме да бидеме среќни што сме преживеани во време кога многу наши сограѓани ја изгубија битката. Не вреди да се жали по нештата кои можат да се купат со пари, сето тоа се средува и може да се поправи, најважно е блиските да ти се живи и здрави – изјави Велевска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости