Елена Ристеска: Едвај ги сопирам солзите кога ќе ми се навратат сликите во глава од погребот на Тоше, се уште болат

by fokus

Денеска се одбележува 38. родеден на македонската поп-икона Тоше Проески. Тој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, а возачот и менаџерката поминаа со полесни повреди.

Елена Ристеска и Тоше беа долги години пријатели, а во разговор за „Фокус“, таа говореше за нивното другарство кое било силно.

„Поврзаноста моја со Тоше беше врз база на колегијалност или другарство, но сепак и двајцата имавме симпатии еден кон друг уште од моментот кога случајно се запознавме веднаш после мојата победа на М2, во студиото на фотографот Владо Георгиев. Имавме чувство дека сме сродни души. Многу сакавме да зборуваме на разни теми, па често зборувавме на телефон. Имавме слично воспитување околу скромноста, говоревме за човекољубието- дека најубаво нешто е да не си човекомразец без разлика на тоа колку луѓето знаат да повредуваат и така натаму“, вели Ристеска.

Неколку месеци пред кобната несреќа, Елена и Тоше наишле на сообраќајка, во која имало жртви. Таа глетка го оставила пејачот потиштен.

„Бидејќи најмногу зборувавме за музиката и слушавме музика заедно доста често, почесто се случуваше да се возиме и да пееме. Ми текнува во моментов на еден од тие денови кога не знам колку пати ја пуштивме и ја пеевме “I will always love you” од Витни Хјустон. Една ситуација исто така ја паметам се уште свежо, околу месец дена пред да се случи несреќата, кога се возевме во еден момент видовме сообраќајка пред нас, имаше полиција која не’ запре и ни објасни дека имало и жртви. Одеднаш расположението се смени и кај двајцата, но таа информација него посебно го направи тивок и потиштен, кога одеднаш се сврте и ми рече: Ако ме нема ќе ти фалам? И јас нормално во мој стил му одговорив: “Пу пу скраја да е. Кај ти оди паметот на такви глупости, но се разбира дека ако еден ден те нема, дека ќе ми фалиш“. И ете веќе 11 години непрекинато на сите ни фали“, додаде Ристеска.

Со смртта на Тоше загуби цела музичка сцена во Македонија и Балканот, но најмногу беше погодено неговото родно Крушево. Како што вели Елена, градот веќе не е ист без него.

„Не е исто Крушево без него, иако луѓето во Крушево се златни, посебно скромни и со убава енергија. Сепак Тоше беше Крушево и Крушево беше Тоше. Да бидам искрена многу ми е тешко секој пат кога одам таму, едвај се сопирам да не заплачам особено кога ќе ми се навратат сликите во глава од погребот. Се уште болат“.

Македонија по трагичната смрт на пејачот, се обидува на достоен начин да го испочитува неговото дело, а според пејачката, можело многу повеќе да се направи за продолжување на неговата мисија.

„Сметам дека организациски можеме многу подобро и поинтензивно да ја продолжиме неговата мисија, не само хуманата страна на мисијата туку и ширење на неговата музика кон што поголема публика. Јас откако е починат на секој мој концерт каде што има простор за повеќе песни веќе 11 години пеам барем една песна од него, а некогаш и повеќе. Впрочем јас имам и песна од него, „А можевме” е една од најубавите песни што сум ги отпеала, а постхумно ми припадна на мене како дел од неговите неиздадени мелодии. Имаше и повод за тоа, јас сакав да напишам текст за него, а тој за мене да напише песна“, го заврши разговорот Ристеска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости