Елена е родена во Битола, ја посвоиле во Америка: Ако ова го чита мојата мајка…

by Fokus

Алисон Голдин е 23-годишна девојка, која живее во Америка, и од пред три години ја започнала потрагата по своите биолошки родители.

Од она кое го знае, родена е во Битола, во Домот за доенчиња и деца без родителска грижа. Таа реши преку ,,Фокус” да се обиде да ја пронајде својата мајка, или пак други блиски роднини, споделувајќи ги сите информации коишто ги знае за себе, од времето кога престојувала во Битола.

-Ако ова го чита мојата мајка… Никој навистина не може да разбере како е да не знаеш од каде доаѓаш, кој те држел во прегратка за прв пат, кој решил да ти подари живот. Сакам да верувам дека моето семејство е таму некаде и еден ден ќе бидеме повторно заедно. Во потрага сум по моето биолошко семејство, љубопитна, и со надеж дека пак ќе се сретнеме – вели Алисон.

Таа појаснува дека според документите кои ги има, родена е како Елена Митевска на седми август 1998 година во Битола. Била посвоена во ноември истата година, а семејството кое ја посвоило е од Америка. Долг период знаела дека е посвоена, а пред три години ја започнала потрагата по своите корени. Според документи од домот, претпоставува дека можеби нејзиното потекло е од Скопје или Куманово, но не може да тврди со сигурност.

-Никогаш не сум била во Македонија, но би сакала да дојдам. Се надевам дека мојата приказна ќе допре до многумина и дека можеби ќе се јави некој кој ја знае вистината за мене и моето потекло. Мојот број за идентификација (матичен број) од Македонија е 0708998455009, ако тоа може да помогне. Направив и ДНК анализа. На мојот извод на раѓање се направени некои измени за да се сокрие идентитетот, но се надевам дека ќе го најдам биолошкото семејство.

Колку што знам, кога моите родители кои се Американци ме посвоиле од Битола, со себе сум немала некоја своја облека, играчка или било што оставено од мајка ми. Немам предмети од неа, но ја чувам фотографијата од денот кога ме посвоиле од таму. Ако било кој може да ми помогне во потрагата и има информации за моето потекло, ве молам контактирајте ме на Фејсбук или Инстаграм, мојот профил е Alisson Goldin- вели таа.

Пред три години, слично како Елена, односно Алисон, девојка од Словенија преку ,,Фокус” ја бараше мајката, а нејзината потрага набргу по објавата на веста заврши успешно, откако роднини на мајка и и кажале дека ја бара. Таа потоа не извести дека се сретнала со биолошката мајка, како и со сестрите и браќата кои живееле во Македонија. Ако некој ги има информациите кои ги бара Алисон, може да ја контактира на социјалните мрежи, со цел да и се помогне во пронаоѓањето на биолошкото семејство.

Вики Клинчарова

Поврзани новости