ЕЛЕМ: Синот на Мира Стојчевска имаше најсоодветно образование

by fokus 15:09
15:09

Откако во текот на вчерашниот ден излегоа информации дека синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски, не ги исполнувал условите за вработување во ЕЛЕМ, оттаму пак информираат дека Стојчевски имал најсоодветно образование од останатите кандидати.

„По повод одредени медиумски написи, АД ЕЛЕМ информира дека нема добиено известување од Антикорупциската комисија дека е донесен заклучок во врска со случајот на вработување на работникот Виктор Стојчевски. Додека таков заклучок не произлезе, компанијата не може да одговори на прашања за пропусти, без да биде утврден пропуст.

- Advertisements -

Документацијата што АД ЕЛЕМ ја достави до Комисијата покажува дека наведениот кандидат ги исполнувал условите предвидени во конкурсот.

За местото инженер за нови технологии-приправник се бара високо образование, седми степен, од техничките факултети, за кое приправничко место работен стаж не се побарува.

Огласот е објавен во дневните весници Вечер и Коха. Пријавени биле тројца кандидати.

Во однос на вработувањата, АД ЕЛЕМ подлежи на Законот за работни односи. Иако не подлежи на Законот за вработените во јавниот сектор, новото раководство на ЕЛЕМ воведе практика на формирање комисии за избор кои треба да оценат кој е најсоодветен кандидат, иако тоа не е предвидено во Законот за работни односи кој важи за ЕЛЕМ. При поголем број пријавени, се пристапува и кон нивно повикување на интервјуа, иако и тоа е дел од обврските во Законот за вработените во јавниот сектор, на кој компанијата не подлежи, но е воведено од новиот менаџмент како позитивна пракса, која до 2017г воопшто не се спроведувала.

Во конкретниот случај за кој прашувате, се бараше приправник, односно работник за почетничко место. Од сите кандидати, избраниот кандидат имаше најсоодветно образование за работните задачи кои е планирано да се побаруваат во иднина од тоа работно место (на компанијата и е потребен геодет, со оглед на тоа што почнува неколку проекти од областа на обновливите извори на енергија, кои бараат примена на нови технологии и обезбедување подлога, документациска и теренска, за нивно инсталирање). Другите двајца кандидати беа со машински и електро-технички факултет.

Исто така, проценето е и дека ангажирањето на млад кадар кој неодамна завршил со своето високо образование е најдобро решение со оглед на тоа што 70% од вработените во компанијата се над 50 -годишна возраст, така што една од обврските на секој менаџмент е да обезбедува одржлив кадровски развој. Другите двајца кандидати имале работно искуство од 10 и 20 години, што во конкретниот случај не соодветствувало на определбата на ЕЛЕМ да инвестира во млад кадар, кој ќе биле обучуван според стандардите и потребите на компанијата.

Ранг-листа како документ не е предвидена според Законот за работни односи, затоа, заради информирање на јавноста, овде описно е изнесено како е извршен изборот.

Исто така, информираме дека не бил вршен никаков притисок по однос на конкурсот за ова работно место“, велат од ЕЛЕМ.

Поврзани новости