Електрична греалка предизвика пеколна температура во гимназијата во Неготино: Не ги замолчувајте децата со казни!

by fokus

,,Дали децата треба да бидат казнети ако кажат дека им е ладно? – вака ја почнува својата приказна Б.Н. (името и презимето познати на редакцијата) родител на средношколец во трета година во С.О.У. Свети Кирил и Методиј од Неготино.

Овој родител во изминативе десттина дена со семејството минувал низ стресна ситуација, откако неговиот син, како знак на револт поради ладните училници, во гимназијата однел мала електрична греалка и ја вклучил пред почетокот на часовите.

Сега, на ученикот кој што е одличен и со примерно поведение му се заканувала казна, односно намалување на поведението, тврди родителот, кој што бил информиран дека против неговиот син ќе биде покрената постапка.

,,Се започна на 26 јануари, во време кога температурите беа доста ниски. Не само мојот син, туку и неговите школски другарчиња редовно се жалеа дека во гиманзијата е ладно, дека парното се вклучува само неколку часа во текот на денот, а потоа се принудени да седат во ладни простории, облечени во јакни. Тоа се случува секоја година, учениците дома се жалат, професорите само креваат рамена, а проблемот никако да се реши. Затоа, син ми сакајќи на некој начин да го изрази својот, но и револтот на своите соученици, тој ден на училиште заминал со греалката и ја вклучил. Нормално дека со мала греалка не може да се стопли цела училница, туку учениците сакале да им стават на знаење на одговорните дека им е ладно и треба да се преземе нешто“, вели родителот.

Кога влегла во училницата, класната раководителка се изненадила, им кажала дека не смеат од дома да носат грејни тела, по што син ми ја исклучил греалката и ја ставил во торбата. Но пред тоа, тој ја фотографирал, и ја објавил фотографијата на својот личен фејсбук профил’’ – раскажува родителот, додавајќи дека дури по објавата, започнале сите нивни проблеми.

Веста дека во неготинската гимназија учениците носат греалки од дома, бидејќи училниците им се ладни, се проширила многу бргу, фотографијата била преземена од многу граѓански групи на Интернет, следело лавина од коментари, но и критики на адреса на училиштето, на министерството, на целиот образовен систем.

,,Голготата ни почна кога директорката на гимназијата, Оливера Николова – Ташева дознала за настанот. Таа веднаш барала да се одржи родителска средба, за што бевме известени од класната раководителка. На средбата, нормално тема беше постапката на мојот син, но родителите беа едногласни, сите се согласија дека цел клас ја дели одговорноста, дека не е само мојот син тој на кого што му е ладно, и дека децата имаат право на свое мислење, посебно можат да кажат дека им е студено, и нема ништо спорно во целата ситуација. Греалката била само начин да го свртат вниманието на надлежните, за да се реши проблемот со греењето. Беше направен и записник за време на средбата. Директорката не се појави на средбата, но потоа бев известен дека таа инсистирала да му биде намалено поведението на син ми. Веднаш отидов во гиманзијата, во директорската канцеларија, со цел да разговараме за проблемот. Но таа одби да разговара со мене’’ – вели Б.Н. кој што потоа добил писмена покана за средба со директорката, закажана во среда, на 8  февруари.

,,Не ми е јасно ниту мене, ниту пак на остантите родители зошто се крена ваква фама, кога сите знаеме дека учениците не лажат, кога е во прашање затоплувањето во училиштето. Зошто да се отвора било каква постапка? Зошто да се заплашуваат нашите деца со казни, кога само јавно изразиле револт за нешто, кое што не треба да се случува во ниту едно училиште? Зарем треба да ги учиме да молчат, да седат во ладни простории, да не си го кажат своето мислење? Треба ли да велат дека им е топло, кога не е така? На какви вредности ги учиме? Молчи, оти ќе бидеш казнет?! Зошто тогаш во канцелариите има електрични греалки? Сето ова повлекува уште едно прашање – каде е нафтата наменета за училиштата, зошто секогаш таа недостасува и парното се гаси уште за време на наставата?’’- прашува револтираниот родител.

Греалката е најмалиот проблем со кој што се соочува гимназијата, бидејќи учениците имаат настава во лоши услови – често им потекува вода од таванот, тоалетите им биле под секое ниво, имало искршени штекери и голем број други неправилности. Родителите на останатите ученици од класот максимално го поддржале ученикот, во присуство на класната раководителка, и сите инсистирале да биде ослободен од било каква одговорност и казна.

,,На една интернет група на училиштето за само пет часа имаше околу 160 коментари околу настанот со греалката. И директорката беше вклучена во дискусијата, но потоа поголемиот број коментари беа избришани. Како да е нормално да се живее во страв и молк. Да не се жалат ниту младите, ниту возрасните кога нешто не е во ред, оти ќе бидат казнети. Тоа ли му се наметнува на нашето општество, да не се збори за проблемите, да не се бараат решенија? Во изминативе денови сите дома сме под голем стрес, со лекарства за смирување… Не можеме да дозволиме нашето дете да биде казнето поради овој чин, и со тоа да му биде на некој начин покажано дека ако се бори за своите права, за достоинствен живот, ќе добие казна. Ми значи поддршката на останатите родители, но во случајов сите сме со врзани раце, и директорката е таа која што одлучува за мојот син, за неговото поведение, за евентуална казна, која што во секој случај ќе се одрази на неговата иднина и начин на размислување. Се консултирав и со правни лица околу целиот случај, и доколку навистина син ми добие намалено поведение, ќе бидам принудан да се борам против таа одлука со сите правни средства’’ – вели родителот.

Поканата за средба со директорката е јасна, вели родителот, намерата е да се поведе постапка против неговиот син.

„Затоа, уште пред да биде почната било каква дисциплинска постапка реагирам јавно. Не смее да се случи такво нешто, и не дозволувам децата и родителите да бидат замолчувани на таков начин“, реагира Б.Н.

Телефонски ја контактиравме директорката Оливера Николова – Ташева во врска со случајот. Таа одби да даде официјален став, потенцирајќи дека се оградува од настанот, за кој што требало да одлучува наставнички совет.

,,Сето ова што го зборам е неофицијално. Постапка за случајот се уште не е започната, значи не е ниту завршена, а наставничкиот совет е тој кој што одлучува понатаму. Околу греењето, во гимназијата вложивме максимум, значи парното се вклучува од пет часот наутро и работи до 17.30, а некогаш и до покасно, во зависност од временските услови. Немаме никакви дефекти, има греење – ни порача таа.

Околу тоа колку се затоплени училниците, често се коментира помеѓу учениците и родителите. Професорите и наставниците најчесто молчат и не сакаат јавно да зборат на темава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости