Еквалис ја поднесе својата петиција до МОН и министерот Арбер Адеми

by Фокус

Здружението за едукативен развој Еквалис и група на младински активисти изминатава недела испратија писмо до Министерството за образование и наука и министерот Арбер Адеми со барање за намалување на наставниот материјал во основните и средните училишта на 70 проценти.

Официјалното писмо беше доставено до МОН откако изминатиов период Еквалис во соработка со активистите од кампањата „Спас за учебната година“ спроведоа повеќе активности за да ја мапираат функционалноста на моменталното спроведување на онлајн наставата во образованието.

Писмото до МОН беше поднесено откако Еквалис спроведе петиција за поддршка на оваа иницијатива којашто моментално е близу до речиси 3.000 потписи коишто како таква бројка не треба да биде игнорирана од Министерството.

Истовремено и во петицијата, но и во ова писмо понудивме 7 аргументи зошто нашето барање за намалување на наставниот материјал е издржано. Имено овие барања доаѓаат изворно од ученици и сметаме дека треба да бидат земени во предвид, бидејќи сведоци сме на постојано игнорирање на младинскиот глас во процесот на креирање на образовни политики без значајна консултација со едни од најважните конституенти во образовниот систем, а тоа се самите ученици. Аргументациите се следни:

  1. Ист обем на материјалот како во нормални услови, иако условите се вонредни;
  2. Повеќечлените семејства немаат доволно електронски уреди дома за следење на наставата (на пример: случаи со 3 деца во еден дом, а имање само еден компјутер. Или случаи на дете-ученик и професор во ист дом, а ограничен број на уреди);
  3. Отсуството на еден концизен начин за спроведување на онлајн наставата. Секој професор има различна платформа што ја користи, што во некои случаи може да значи дека учениците треба да следат повеќе од 5 различни платформи за своите задачи;
  4. Занемарена психолошка состојба или домашната атмосфера на учениците со оглед на тежината на ситуацијата (паника, случаи на семејно насилство, анксиозност, делење на соба помеѓу повеќе деца од семејството коишто треба да имаат онлајн настава во исто време);
  5. Отворени и нерешени прашања за сведување на крајните оценки што создава притисок и врз професорите и врз учениците;
  6. Непридржување до првичниот распоред на часови особено во поглед на зададени задачи. Ако по еден предмет имаме три пати неделно настава, да не се задаваат задолженија како тој предмет да се има пет пати во недела;
  7. Кратки временски рокови и голем притисок за доставување на задачите и покрај големиот постоечки притисок со општата состојба во државата.

Еквалис во моментот објавува и искуства од ученици и професори со коишто се прикажува вистинитоста на горенаведените точки и дека ова се реални проблеми со коишто системот моментално се соочува. Сите изјави може да се најдат на нашите профили на социјалните мрежи на Фејсбук и Инстаграм.

Во писмото како и во петицијата наведуваме дека очекуваме Министерстово да се произнесе со одговор најдоцна до 24 април. Сметаме дека поради итноста на ситуацијата треба да се реагира брзо. И почнувајќи од 1 мај оваа одлука да стане ефективна во сите училишта.

Онлајн учењето е всушност една многу прифатлива форма на учење за младите бидејќи тие и самите се многу склони кон употреба на дигитални алатки. Она што нас не’ загрижува е дека кадарот и самите училишта не се моментално подготвени да се износат со овој голем предизвик, што е и разбирливо бидејќи ваква форма на учење во поразвиените држави се градела со години, како стратегиски пристап, а не како нешто што произлегло во време на криза. Токму поради тоа и очекувањата од учениците и професорите не може да бидат исти. Со други зборови мора да се направат соодветни адаптации за да може и професорите и учениците да се прилагодат кон новите форми на учење.

На крајот би сакале да наведеме дека Еквалис секогаш се залага за квалитетно образование во коешто гласот на секој чинител ќе биде земен во предвид. Ова е проблем којшто дојде директно од младите и е покренат за дискусија во јавноста целосно од нивна страна. Една од нашите стратегиски организациски цели е медиумската писменост и се залагаме за дигитална и медиумска едукација. Сепак, не треба да заборавиме дека дигиталната писменост треба да се гради со години, професори треба да поминуваат низ интензивни тренинзи и обуки, софтверските решенија треба да се тестираат, да се унифицираат и најважно од се да се обрне внимание на техничката подготвеност на секој дом за дали е подготвен да следи ваква настава.

Поврзани новости