Ексминистерот за здравство Димов и неговата сопруга се двајцата лекари од Аџибадем-Систина позитивни на Ковид 19

by Fokus

Ексминистерот за здравство Владо Димов и неговата сопруга Билјана се двајцата лекари-сопружници од приватната болница „Аџибадем-Систина кои се позитивни на Ковид 19, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, докторот Димов бил хоспитализиран и на скопската Инфективна клиника, додека неговата сопруга се лекува во домашни услови.

„Фокус“ испрати неколку прашања на официјалниот маил на Клиничката болница, за да ни одговорат дали имаат информации како се заразиле и дали и кога е примен на Инфективната клиника, но од таму до објавувањето на текстот не добивме повратни одговори.

Тие пред неколку денови, односно на 5 јуни преку соопштение сами известија дека двајца лекари сопружници од нивната Клиничка болница се позитивни на Ковид 19. Дури, во соопштението беше наведено дека едниот од нив немал никаков контакт со пациенти, додека другиот имал минимален контакт со пациенти.

„Пред три дена во вторник на 2.6.2020 беа изолирани двајца доктори, кои воедно се и брачни содружници, од КБ Аџибадем Систина а кои беа суспектни на вирусот Ковид-19. По направените ПЦР тестови, се потврди позитивен резултат кај двајцата доктори. Утврдени и контактирани се сите луѓе со кои овие лица биле во контакт и на нив веќе им е извршено тестирање и резултатите кај сите нив до сега се негативни – се наведуваше во соопштението од болницата од пред неколку денови.

Исто така, се обративме и до директорката на болницата доктор Милена Стевановиќ, која не одговори на нашите прашања, но во една друга прилика ни кажа дека таа не може да дава информации кои се пациентите што се на болничко лекување од Ковид 19 кај нив.

Професор доктор Владо Димов е специјалист по општа хирургија и супспецијалист по дигестивна хирургија. Тој беше министер за здравство само 18 месеци, во периодот од ноември 2004 до август 2006 година од владата на СДСМ, но цели единаесет години потоа е мета на судски прогон. Го обвинија затоа што дал одобрение за 17 вработувања, но му беше блокиран и имотот поради неплатен персонален данок. По една цела деценија, обата процеси завршија во негова полза.

Во периодот додека траеја судските процеси, Димов беше на студиски престој во Турција, а потоа работеше во болница во Бугарија. Исто така, беше началник на хирургија во приватна болница во Црна Гора. Но, за себе тврдеше дека не бил бегалец, туку прогонет, и најавува дека ќе бара отштета за нарушениот углед.

Доктор Димов во моментот работи во приватната болница „Аџибадем-Систина“ каде е веќе две години, поточно од 2018 година. Тој е на функцијата медицински директор, додека неговата сопруга е патолог.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

Поврзани новости