Македонската јавност веќе подолго време ја бранува обидот за преземање на најстарата и најсилна нафтена компанија во Македонија – Макпетрол, од страна на Балкан Петролеум Холдинг Лимитед. Оваа компанија, со седиште во Лондон, е основана од Даволиа Холдинг Лимитед регистрирана во Кипар, која важи за офшор-зона, чија карактеристика е заштита на сопствеништвото, па затоа дел од медиумите и експертите бараа македонските институции да ги испитаат лицата и капиталот што стојат зад оваа операција.
Како еден од инвеститорите на БПХЛ досега единствено се претстави Александар Каплан, кој има долгогодишно и богато искуство во некои од најзначајните нафтени компании во светот, при што повеќе од 10 години работел во ТНК-БП (Бритиш Петролеум), како заменик извршен потпретседател за производство и трговија и прв заменик извршен потпретседател за производство и трговија. Тој, пред македонската јавност изјави дека нивните планови се сериозни и развојни, како за компанијата што сакаат да ја преземат, така и за нафтениот бизнис, генерално.
Тимот на БПХЛ, пак, во разговор за „Фокус“, го открива името на вториот основач на компанијата што достави понуда за акциите на акционерите на Макпетрол. Станува збор за Александар Смузиков, кој има значајно оперативно и работно искуство во нафтената и во нафтено-хемиската индустрија. Тој е основач на Магистрал Гроуп, која работела со дистрибуција на нафтени производи, чии главни клиенти биле Лукоил, Бритиш Петролеум, Татнефт… Смузиков подоцна Магистрал Гроуп ја продава на ТНК-БП (Бритиш Петролеум).
ФОКУС: Балкан Петролеум Холдинг Лимитед е всушност основана од офшор-компанијата. Освен што како управител на компанијата фигурира Василиј Евдокимов, а во јавноста како еден од инвеститорите се претстави и Александар Каплан, со компанијата се поврзуваа и други лица, меѓу кои Ури Бидер, Михаил Черни, Бенјамин Стајнмец… Дали последните имаат директна врска со Балкан Петролеум и кои се всушност вистинските крајни сопственици на компанијата што има интерес да влезе во нафтениот бизнис во Македонија?
БПХЛ: За почеток би го цитирале господин Александер Каплан, кој даде интервју за еден македонски портал, кое беше наменето за преземањето на Макпетрол: „Со цел ние да се здобиеме со контролен пакет во Макпетрол, основана е посебна компанија наречена Балкан Петролеум Холдинг Лимитед, која е регистрирана во Велика Британија. Тоа не е офшор-компанија и токму поради тоа сите напади од страна на сегашното раководство на Макпетрол во врска со офшор-компанија паѓаат тотално во вода“.
Инаку, во која било земја на планетата, кога некој ќе изрази желба за преземање приватна компанија која е една од ретките, а ако не и единствената компанија во светот што се занимава со продажба на нафтени деривати и воедно е компанија загубар, таа намера се очекува да биде дочекана позитивно, дури и од менаџментот на компанијата што е предмет на преземањето. Наспроти 15-те милиони загуба на Макпетрол и 6-годишното работење без дивиденда за акционерите, во некои од медиумите се вадеа информации што се целосни невистини, а за кои поткрепа имаме и од документацијата што е доставена до Комисијата за хартии од вредност и која по добивање на дозволата ќе стане јавно достапна преку Проспектот.
Вистината е дека Балкан Петролеум е основана од две лица – Александер Каплан и Александар Смузиков, долгогодишни експерти од оваа област, кои своето искуство го стекнале преку работа со светски реномирани нафтени компании. Сето останато е лага!
ФОКУС: Дел од медиумите пишуваат дека обидот за влез на странската компанија во Макпетрол е во координација со политичката власт во земјава, како и дека се прават притисоци врз акционерите да ги продадат акциите. Колку ваквите информации се точни и како впрочем ги коментирате?
БПХЛ: Вистината е дека намерата за преземање на Макпетрол е поттикната од сериозни професионалци, кои немаат никаква политичка поврзаност, ниту со македонските политички партии, ниту, пак, со какви било политички партии од светот. Луѓето што имаат бизнис-искуства во светот не сакаат да се занимаваат со политика, туку со успешност на компанијата што ја раководат.
Очекувани беа шпекулациите за тоа каква е поврзаноста на сопствениците на Балкан Петролеум со политичките структури во Македонија, но, според нас, тоа е уште еден обид да се оттргне вниманието на јавноста и на акционерите од реалната слика за лошото менаџирање, работење и резултатите кои Макпетрол ги има во последните 6 години и да се влијае преку медиумски притисок врз обезбедувањето на дозволата од Комисијата за хартии од вредност за влез на компанија која ќе се фокусира само на позитивни резултати.
ФОКУС: Какви се проценките на компанијата во однос на тоа дали постојат реални шанси за преземање на Макпетрол и доколку тоа се случи, какви се следните планови?
БПХЛ: Да немаше реални шанси за преземање на Макпетрол, менаџментот на Балкан Петролеум немаше да ја почне целата процедура.
Секако дека постојат реални шанси за преземање на Макпетрол и токму поради тоа компанија како Балкан Петролеум Холдинг Лимитед се реши за преземање на најголемата приватна компанија за дистрибуција и промет со нафтени деривати во Македонија.
Професионалното и долгогодишното искуство на целиот тим во бизнисот со дистрибуција на нафтени производи, но и во севкупниот процес на работа, е гаранција дека Макпетрол може да се менаџира правилно и профитабилно, за разлика од сега, кога работи тотално нерантабилно. Балкан Петролеум Холдинг Лимитед го познава овој бизнис многу добро и токму поради тоа сме свесни за големиот потенцијал и понатамошен развој на Макпетрол.
Влатко СТОЈАНОВСКИ