АРХИВА Ексклузивно: Каква е улогата на советникот на претседателот Иванов за безбедност, Синиша Алексовски во случајот „Живаљевиќ“?

by fokus 17:00
17:00

Текстот е објавен на 12 јуни, 2017 година 

Пишувал Зоран ДИМИТРОВСКИ

- Advertisements -

Скопје и Белград взаемно ги повлекуваат разузнавачите од своите дипломатски претставништва и привремено ја прекинуваат соработката со размена на безбедносно-дипломатски претставници.

Македонија и Србија минатата недела се договориле взаемно да ги повлечат разузнавачките офицери акредитирани во амбасадите во двете држави и привремено да го суспендираат договорот за соработка кој предвидува размена на претставници од безбедносно-разузнавачки профил во дипломатските претставништва во Белград и Скопје.

Како што дознава „Фокус“ од дипломатски извори, како компромисно решение за дипломатската „војна“ која изби по влегувањето на српскиот разузнавач во македонското Собрание на Крвавиот четврток, 27 април и објавувањето транскрипти од прислушувањето на офицерот на БИА и пратеникот Иван Стоиљковиќ, во македонските и српските медиуми, едновремено од Скопје ќе биде повлечен офицерот на БИА Горан Живаљевиќ, а од Белград претставничката на Агенцијата за разузнавање на РМ, Ирена Бужаровска.

Договорот е постигнат на состанокот во Белград минатата недела помеѓу директорот на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, Зоран Иванов и еден од помошниците директори во српската безбедносна агенција БИА, откако српската страна одбила да го прими Иванов на највисоко ниво.

„Фокус“ дознава дека вчера во МНР на Македонија пристигнало соопштение од српското Министерство за надворешни работи во кое српската страна протестира против информациите што ги објави македонското МВР за времето и причините на престојот на Живаљевиќ во македонското Собрание, посочувајќи го советникот за безбедност на претседателот на Македонија и помошник директор во Агенцијата за разузнавање, Синиша Алексовски, дека лично бил информиран од офицерот на БИА за неговите активности критичниот ден.

Фото: Код

„Имајќи ги предвид објавените делови на извештаите на Министерството за внатрешни работи на Македонија во медиумите, кои се проследени до Основното обвинителство во Скопје, за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, а каде што директно или индиректно се споменува присуството на српскиот државјанин Горан Живаљевиќ,  сметаме за потребно да ви го соопштиме следното:

Акредитираниот офицер на БИА Горан Живаљевиќ, вршејќи ја својата службена должност, во зградата на Собранието на Македонија престојуваше во периодот од 20.20 часот, до 20.35 часот, без било какво учество во судирите или спречување на службени лица во вршење на службените дејствија.

За тој свој ангажман и причините за престојот на лице место, го извести советникот за безбедност на претседателот на Македонија, Синиша Алексовски и тоа пред влегувањето, но и во текот на престојот во зградата на Собранието, за што е доказ фотографијата – селфи, која Живаљевиќ од лице место му ја проследи токму нему.

Дека станува збор за тоа време на престојот во зградата на Собранието, а не за престој во периодот од 22.04 – 00.11 часот, како што се наведува во извештајот на МВР Македонија, најдобра потврда се снимките на ТВ „Телма“, која го сними престојот на Живаљевиќ во Собранието.

Со цел за утврдување на комплетната и целосна вистина и избегнување натамошна злоупотреба на српскиот претставник, Амбасадата на Србија и институциите на државата Србија, ве молиме овој наш допис да го доставите до МВР на Македонија и Основното обвинителство во Скопје“, се вели во дописот од српското МНР.

На ваквата разврска на дипломатскиот скандал и претходеше огромна вознемиреност во Белград, откако македонските медиуми објавија фотографија и снимки од српскиот разузнавач Живаљевиќ во Собранието на Македонија на 27 април. Овој негов потег беше објаснет како дипломатски скандал и повреда на дипломатските конвенции. Офицерот на БИА тогаш објасни дека за своето влегување во Собранието ги известил македонските надлежни органи, наведувајќи дека влегол по службена задача за да види дали меѓу демонстрантите има српски екстремисти и навивачки хулигани.

Српската страна дополнително реагираше прашувајќи зошто името на офицерот на БИА е селективно објавено во јавноста, иако тој воопшто не се криел и не бил на никаква тајна задача, додека во Собранието на Крвавиот четврток во исто време присуствувале повеќе разузнавачи на други странски агенции, меѓу кои и на повеќе безбедносни агенции од Запад.

На вечерата кај високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, на 24 мај, тогашниот мандатар за составување на владата, Зоран Заев во разговор со српскиот премиер Александар Вучиќ, се договориле да ја смират топката и двете служби на мирен начин да ги решат недоразбирањата.

Но веднаш потоа, во македонските медиуми како и на белградскиот портал „Крик“, се појавија транскрипти од прислушуваните разговори на Живаљевиќ и пратеникот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ. Транскриптите откриваат како Живаљевиќ и Стоиљковиќ ги договараат средбите на српскиот новинар и пратеник Мирослав Лазански во Скопје, кој во март годинава, за време на демонстрациите „За заедничка Македонија“ дојде во мисија да ја поддржи Владата на Груевски, со написи во белградска „Политика“ и гостување на пропагандистичките медиуми на тогашниот режим, при што жестоко се спротивстави на т.н. Тиранска платформа и на екс лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Српската страна беше скандализирана и лута по објавувањето на транскриптите, барајќи објаснување од македонската амбасадорка во Белград, како материјали од прислушувани разговори на нивниот офицер, во кои според нив нема ништо скандалозно, се нашле во медиумите, што го смета за нарушување на кредибилноста и доверливоста на комуникациите.

Српскиот премиер Вучиќ, како што дознаваме, бил решен да оди до крај, па дури и да го протера македонскиот амбасадор од Белград, односно да ги прекине – замрзне дипломатските односи со Македонија, доколку нема објаснување за скандалот и мирно решение за случајот.

Зад случајот Живаљевиќ, според извори на „Фокус“, меѓу другото се крие и интерес на режимот во заминување во Македонија, со објавување во јавноста на фотографиите и снимките од престојот во Собранието на српскиот офицер на БИА, во режија на Кабинетот на Иванов, да се сврти вниманието од скандалозното учество на повеќемина македонски безбедносни офицери од Агенцијата за разузнавање и од УБК во настаните во Собранието, посочувајќи на ексклузивна српска вмешаност и заднина во Крвавиот четврток.

Но откритието на српската страна дека фотографиите од Живаљевиќ во македонските медиуми протекле токму од македонскиот разузнавачки врв, под команда на претседателот Иванов, биле причина тој на состанокот во Брдо кај Крањ, особено да се заложи кај српскиот претседател Вучиќ, случајот да се разреши на мирен начин, без да се споменуваат имиња. За возврат, како што објавија српските медиуми, Иванов на состанокот бил на иста линија со Вучиќ, во обвинувањето на Албанија и Косово за големоалбански претензии на Балканот.

Минатата недела во неделникот „Фокус“, накусо се осврнав и на случајот Живаљевиќ. Еве го заклучокот од тој текст:

„По Крвавиот четврток, очигледно е дека аферата Живаљевиќ, освен отворање дипломатска војна со Белград, некој во врхушката на ДПМНЕ ја користи да ги заметне трагите на вистинските организатори на настаните од 27 април. Да не се разбереме погрешно, интерес на Србија е да се одолговлечува или да се спречи членството на Македонија во НАТО, а македонско-српското братство да се гради наспроти Албанците и нивните интереси. За ова во „Фокус“ сум пишувал повеќепати. А веднаш по Крвавиот четврток пишував и за руската врска на настаните во Собранието, односно за сомневањето на нашите разузнавачи, дека еден од „тврдокорните“ бил на линија со ГРУ, руската воено-разузнавачка служба, со задача да убие македонски или албански политички лидер.

Но, треба да се биде слеп при очи, за да не се види дека интерес на Груевски, е Владата на Заев поради случајот Живаљевиќ да ги заостри односите со Белград.“

РЕАКЦИЈА НА КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија остро реагира на наводите во текстот „Ексклузивно: Каква е улогата на советникот на претседателот Иванов за безбедност, Синиша Алексовски во случајот „Живаљевиќ“?“ на новинарот Зоран Димитровски, објавен на интернет страницата на неделникот „Фокус“ на 12 јуни 2017 година.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најостро реагира и ги осудува обидите на Фокус на имплицитен начин да се поврзе институцијата Претседател на Република Македонија, како и претседателот Иванов со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, создавајќи искривена перцепција во јавноста, која не кореспондира со фактите и вистината.

Информираме дека посочениот советник на Претседателот Иванов во написот на Фокус не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски преставници и постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени.

Потсетуваме дека Кабинетот на Претседателот на Република Македонија реагираше и побара појаснување на изјавата на г. Агим Нухиу, кој од позиција на министер за внатрешни работи, во интервју за Алсат-М Телевизија на 11 мај 2017 година, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за употреба на армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април. Неделникот Фокус и новинарот Зоран Димитровски, во изданието на 21.04.2017 година најавуваше слично наводно сценарио. Поранешниот министер Нихиу никогаш не го образложи ова свое тврдење, базирано на лажните написи на Фокус.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија смета дека денешниот напис на Фокус е само продолжение во низата обиди за дискредитација и делегитимирање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и на институцијата Претседател на Република Македонија, преку креирање на лажни вести, односно необјективен пристап во информирање на јавноста.

 

Поврзани новости