ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ Фредерик Бегбеде: Ако некогаш ја разберам љубовта, ќе престанам да пишувам!

by fokus 12:51
12:51

Еден од најпознатите француски писатели Фредерик Бегбеде утре доаѓа во Скопје. Ексклузивното интервју за „Фокус“ со него го направивме телефонски, бидејќи тој сметаше дека интервју на имејл не е толку веродостојно. Разговорот беше интересен, весел, имавме редок соговорник кој не се воздржува да одговори искрено и отворено. Како да разговараме со близок човек со кој отсекогаш се познаваме. Шармантен и топол. Еве го резултатот.

ФОКУС: Повеќето книги ги пишувате во прво лице, дали мислите дека порaди тоа читателите ве поистоветуваат со вашите ликови. Дали имате чувство дека мислат дека ве познаваат?

- Advertisements -

БЕГБЕДЕ: Тоа е замката кога пишувате во прво лице, но мислам дека тоа e и играта, како што би се рекло тоа на француски „jeux avec le je“. Свесен сум дека го правам и тоа е мојот стил. Знаете, збогатувањето на вистината со измислени елементи, тоа подоцна почнаа да го прават и медиумите со оние „fakenews“, почнаа да ја мешаат вистината со измислени, сензационалистички елементи. Но, тоа прво и многу одамна почна да го прави романот. Романот е еден вид игра со вистината.

ФОКУС: Дали ја прифаќате контроверзноста како атрибут?

БЕГБЕДЕ: Па, подобро е тоа отколку да се биде здодевен. Да, сметам дека треба да се биде контроверзен, романот треба да ги поттикне читателите да размислуваат, да се вознемират. Најдобрите романи го прават тоа, „Американски психопат“, „Лолита“, „Улис“. Всушност, сметам дека треба да настојуваат да бидат контроверзни за да се зборува за нив, за да бидат релевантни.

ФОКУС: Која е вашата најконтроверзна книга?

БЕГБЕДЕ: Па, претпоставувам дека е „399“, бидејќи потоа бев отпуштен од фирмата во која работев и се зборуваше многу за тоа, луѓето се поистоветуваа со тоа консумеристичко општество.

ФОКУС: Љубовта се повторува како главна тема во сите ваши романи, дали е тоа бидејќи вие сè уште нејасна како чувство?

БЕГБЕДЕ: Добро прашање. Да, љубовта ми е константна инспирација и секогаш ќе биде една од главните теми во моите книги. Тоа е токму затоа што мислам дека никогаш нема да го разберам тоа чувство, па имам потреба да го истражувам постојано и да пишувам за него. Љубовта е највообичаеното, а, сепак, најмистериозното чувство. Ако некогаш ја разберам љубовта, ќе престанам да пишувам.

ФОКУС: Не сте само писател, вие сте и урбана икона во Париз. Како го доживувате сега Париз и дали би го смениле за друг град?

БЕГБЕДЕ: Интересно што ми го поставивте ова прашање бидејќи токму сега се подготвувам да се селам од Париз во едно село на „Côte basque“, југозападниот брег на Франција. Париз засекогаш ќе остане мојот град, бидејќи таму сум роден и живеам целиот живот. Но, време е да го напуштам и да почнам нова авантура. Така што сега ќе се стремам да станам рурална икона, да ме дознаат сите од моето село.

ФОКУС: Кои се вашите идеални услови за пишување? Што ве инспирира?

БЕГБЕДЕ: Па, до пред некое време на ова прашање ќе одговорев алкохол и дрога, да седам во полн ресторан и да наслушнувам разговори, тоа ме инспирира. Но, во последно време сфаќам дека кога убаво ќе се наспијам и ќе станам во нормално време, наутро сум најпродуктивен и тогаш вистински и непрекинато можам да пишувам. Претпоставувам дека се менувам. Романот што го пишувам, веќе две години го пишувам во таков амбиент.

ФОКУС: Претпоставувам дека не можете да ни кажете за што се работи во вашиот нов роман…

БЕГБЕДЕ: Тоа е сè уште тајна.

ФОКУС: Како ги доживувате од оваа перспектива своите поранешни дела? На пример „Љубовта трае три години“, кое е едно од најпознатите ваши дела во Македонија.

БЕГБЕДЕ: „Љубовта трае три години“ ја пишував во момент кога бев многу среќен, затоа што се разведов. Интересно е тоа бидејќи книгата е мошне носталгична, а, всушност, бев многу среќен. Додека бев во брак, бев многу несреќен, сето тоа се сведе на една монотонија и една здодевност, која од нас се очекува да ја прифатиме. „Љубовта трае три години“ претставува еден вид збогум на стегите од општеството, од она што луѓето го очекуваат од нас, особено фамилијата, тој дел беше најтежок.

ФОКУС: Критичарите ja прифатија „Уна и Селинџер“ и ја поздравија вашата одлука да се оддалечите делумно од автобиографскиот контекст и од првото лице во нарацијата. Дали вие го вбројувате во еден од вашите најдобри романи?

БЕГБЕДЕ: Па, тешко е за мене да ги проценувам сопствените книги и да одлучувам која повеќе ми се допаѓа. Во моите дела јас ги преточувам мојата душа и љубов. Не можам да изберам омилена. Она што ме привлече во приказната на Уна и Селинџер е тоа што е промашена љубовна приказна, мислам, дека тие приказни им се случуваат на сите. Се вљубуваме во личности што не се за нас, особено кога имаме дваесет, триесет години, но од тие приказни најмногу учиме. Знаете, мојата постара ќерка сега има 17 години и знам дека ќе се вљубува во глупаци, не можам да го спречам тоа, иако би сакал, тоа е дел од сечиј живот, процес сè додека не ја најдеме вистинската личност.

ФОКУС: Бидејќи се работи за култни американски личности, дали беше важна за вас реакцијата за „Уна и Селинџер“ во Америка?

БЕГБЕДЕ: Многу добро беше примена во Америка, да, многу ми значеше како ќе ја примат бидејќи, сепак, се култни ликови во американската историја. Во Англија имаше построга критика, но не знам зошто некој да не напише приказна за Уна и Селинџер кога има петнаесетина романи за љубовната приказна меѓу Скот и Зелда Фицџералд, триесетина за релацијата меѓу Мерилин Монро и Кенеди. Зошто не, Уна и Селинџер? Интересното во овој случај е тоа што првиот што пишува за оваа приказна е француски автор. Јас, сепак, им пристапив на двата лика со голема почит и љубов и мислам дека читателите го препознаа тоа.

ФОКУС: Активен сте во политичката дебата во Франција. Во Македонија, многу уметници се ангажирани во политичкиот дискурс, кој го карактеризира голема поларизација и, пред сѐ, големи влијанија од страна на политичарите. Во која мера мислите дека треба да ангажирани уметниците во политиката и дали има манипулации, пресии врз уметниците од страна на политичарите во Франција?

БЕГБЕДЕ: Па, знаете уметниците во Франција ја извојуваа таа револуција одамна. И кај вас ќе се случи тоа. Да, сметам дека треба да се зборува иако навистина не знам која е улогата на уметниците, всушност не знам за што служат. Јас секогаш го кажувам тоа што го чувствувам, понекогаш дури и прегрубо, па луѓето, или ме мразат, или многу ме сакаат. Но, јас не можам поинаку. Во моментов за тоа што се случува во Франција не можам да молчам, јасно кажав дека ќе гласам за Макрон, иако тоа не ме спречува и него да го критикувам. Ќе гласам за него затоа што сум против омразата, против градењето ѕидови, затворањето граници и ограничувањето на слободата и против исцепкувањето на Европа, против сите оние нешта што ги застапува Ле Пен. Не смееме да дозволиме тоа што им се случи на Американците да се случи во Франција и не смееме да го потценуваме влијанието што го има говорот на омраза. Ќе видиме што ќе се случи на 10 мај, се надевам дека Франција нема да потфрли.

Поврзани новости