Ексклузивно: Документот со кој Панчевски му влијаел на судијата Џолев

by fokus

„Фокус“ дојде до документот (укажување) со кој претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, наводно му влијаел во работата на судијата Иван Џолев, за што пак Џолев, пред девет дена му поднесе кривична пријава.

Во пријавата пишува дека со укажувањето претседателот од Џолев барал да постапи незаконски во истрагата што ја водел. Поточно, додека Џолев постапувал по истражен предмет, како истражен судија, добил писмено укажување од Панчевски, кој повикувајќи се на законски и деловнички овластувања, барал од судијата да постапи незаконски и да дигне раце од предметот по кој постапувал и да и го отстапи на друга држава, но и да им влијае на оштетените да ги сменат исказите, на нивна штета.

На овој начин требало да се запре истражната постапка против косовски државјани кои биле осомничени за тешка кражба, и предметот да се отстапи на Косово, но за да се изведе сето ова, требало и да се убедат оштетените да се откажат од кривичниот прогон и од отштетата што ја барале.

dokument

– Од увидот во писменото укажување од февруари 2014 година може да се констатира дека претседателот на судот, Владимир Панчевски извршил увид во кривичниот предмет и добро знаел дека дел од оштетените предјавиле штета и се приклучиле кон кривичниот прогон на обвинетите, но и покрај тоа со официјално/формално укажување побарал од судијата Иван Џолев истиот да преземе незаконити процесни дејствија што не би смеел да ги изврши и да изврши влијание врз сведоците за да го сменат веќе дадениот исказ односно да се откажат од веќе предјавеното оштетно побарување, се вели во кривичната пријава што судијата ја поднесе против Панчевски.

И не само што требало да им влијае на сведоците да ги сменат исказите, туку Џолев со укажувањето добил насоки и како да го стори тоа.

– Како претседател на судот, а согласно моите законски и деловнички овластувања, Ви укажувам во рок од 10 дена да ги преземете сите неопходни процесни дејствија, и тоа:

– Со оглед дека се работи за обвинети кои се странски државјани, односно државјани на Р. Косово, па да се побара предлог од ОЈО Скопје за отстапување на списите на предметот на Р. Косово заради кривично гонење, согласно чл. 557 од ЗКП.

– Да се повикаат сите оштетени телефонски да дадат согласност обвинетите да бидат во Р. Косово чии државјани се обвинетите, а истовремено оние кои имаат предјавено штета да се откажат од предјавената штета, се наведува во писменото укажување, кое наводно е потпишано лично од претседателот Панчевски.

Во него пишува и по истекот на рокот, судијата да изготви информација кои мерки ги презел во конкретниот предмет.

Панчевски, пак, вчера по распитот кај надлежен обвинител истакна дека Џолев лажно го пријавил и му поднесе контра кривична пријава.

– По даденото произнесување во врска со наводите во кривичната пријава ја известувам јавноста дека од моја страна на записник пред надлежниот јавен обвинител откако ги слушнав наводите на пријавата и се произнесов по истите отфрлајќи ги како неосновани истовремено поднесов кривична пријава против судијата Иван Џолев за кривичнодело „Лажно пријавување на кривично дело“ во смисла на чл.366 ст.1 од КЗ за тоа што лажно ме пријавил како сторител на кривично дело од чл.359 од КЗ за кое гонењето се презема по службена должност иако знаел дека не сум сторител на кривично дело, вели Панчевски.

Повеќе детали за овој случај прочитајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.

В.В.

Поврзани новости