Ексик и од корупцијата!

by Fokus

Изјавата за високата корупција во која се задушува државата, на амбасадорката на САД Ангела Агелер, предизвика бурлески од реакции на „властитутките“. Се потепаа со лигавење да ни стават до знаење дека се согласувале со неа. Небаре во нешто смеат да не се согласуваат со стратешкиот ни партнер!

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Среда 7/12/2022

„КРАЈНО РАСИПАНИ“

Можеби малку се недипломатски, ама директните изјави за високата корупција во која се задушува државата, изречени од амбасадорите на САД и на ЕУ, ем најавата на Ангела Агелер дека Вашингтон испраќа тим за санкции во Македонија, предизвика бурлески од реакции на „властитутките“.

Се потепаа со лигавење да ни стават до знаење дека се согласувале со американската амбасадорка. Небаре во нешто смеат да не се согласуваат со стратешкиот ни партнер! Зар некој очекуваше да се побунат, да удрат канонада обвинувања за американската корупција, како што редовно возвраќаат кога истите дијагнози ги дава опозицијата.

Јас, пак, малку се понадевав дека по сите квалификации од Калето за коруптивната стварност, ќе следи канонада од оставки. Не само од по некој министер, туку и од оние од судско-обвинителската фела, штом толку сме заглибиле во коруптивни сеанси.

Колку што знам, во изминативе три децении, ниту една партија не ветила дека ќе ги стимулира корупцијата и криминалот. Сите се колнеле во спротивното. Штом реалноста ја красат обратни тенденции, тогаш или баткиве се неспособни, или можеби се коруптивен фактор. Трето нема!

Но, нели, корупцијата потекнува од латинскиот збор „corruptus“, кој во превод значи „крајно расипан“, па крајно време е некој да се справи со нив, расипаните! Па, ако не нѐ бива нас, нека биде и некој однадвор! Со надеж, некој од „нашиве“ дека нема да успее и нив да ги корумпира…

Четврток 8/12/2022

ВЕЦЕ-ПОРТРЕТИ

Скопската градоначалничка се покажа како голем реформатор. Барем во уредувањето на својот кабинет.

Госпожата Данела Арсовска ги тргнала портретите на сите досегашни градоначалници на Скопје што стоеле во салата за состаноци до нејзиниот кабинет.

Ај, изгледа не сакала да им ги гледа суратите, ама локацијата што ја избрала, говори за нејзината креативност. Портретите сега биле закачени во ходникот каде што таа не поминува, а тоа е токму ходникот каде што се вецињата.

Со оглед на тоа што Арсовска е првата градоначалничка по толку мажи, барем нејзиниот портрет еден ден нека биде обесен пред женскиот нужник. Како инспирација! А и како оцена…

Петок 9/12/2022

ФОНДОВИ КАКО МАМЕЦ

Членството во Европската Унија не значи дека ќе станеме Европејци во битката против корупцијата. Еве, Европската комисија објави дека Унгарија не ги спровела неопходните антикорупциски реформи. Тие, пак, се гаранција за пристап до европските фондови.

А не се малку пари, бидејќи Будимпешта очекува да добие 13,2 милијарди евра. Ауууу! Ова мене ми изгледа како „поткуп“ за да се сторат реформи. Наместо да земаш од народните пари при тендери, си лапнуваш европски.

Тики, уверена сум дека на нашите фактори од европските вредности најмили им се европските фондови. Изразени во евра, разбира се!

Сабота 10/12/2022

ЕВРОКОРУПЦИЈА

Грчката европратеничка Ева Каили и уште четири лица биле приведени на распит во Брисел, во истрага за корупција поврзана за нелегално лобирање за Катар.

Како што беше објавено, биле пронајдени шестотини илјади евра во нејзиниот дом, неколку илјадници евра во куфер, во хотелска соба, во Брисел и околу 150 илјади евра во стан на член на Европскиот парламент.

Вака изгледа дека осомничените биле многу наивни штом чувале толкава кешовина, наместо како нашиве таленти да ги префрлат на сметки во офшор-зони или, пак, на имиња на кумови и роднини.

Второ, ете, грчката социјалистичка партија ПАСОК, чиј член била Каили, веднаш ја исклучила од партијата. Кај нас да се повика на распит едикојси од високите партиски фактори, веднаш цела партија ќе се крене на нозе, во одбрана на сопартиецот невин како солза демек, па и протест може да стегнат.

Но, како трето, ме заинтригира податокот дека потпретседателката на ЕП добивала вредни подароци и кешарица за да го фали Катар. А таму сега се одржува Светското фудбалско првенство, за што се ширеа многу дубиози како Катар ја доби оваа „премија“.

Не ќе да само Каила и троа европратеници да го фалеле Катар! Тие не одлучија фудбалската фешта да биде токму во таа земја, нели!?

Недела 11/12/2022

ЕКСИК „ЕКСИКО“

Ексик е архаичен збор, потекнува од турскиот јазик, а се употребува разговорно во смисла, ексик и пари и сѐ. Значи кога ќе се изнервираш, кога нешто ќе ти дојде преку глава, па ќе вриснеш – ексик бре! Што би се рекло, зборот укажува на некаква неисполнетост.

И што ми текна сега за ексик? Па, уште се врти фамозната фирма „Ексико“, која со години беше мистериозна околу сопственоста. На времето, кога компанијата доживеа бум на македонскиот пазар, јавно прашав, односно се чудев зошто сите „перат раце“ од оваа швајцарска фирма?

Премиерот тогашен Груевски немаше одено на „роуд шоу“ во Швајцарија, па да ја намами. А владата при толку нејзини инвестиции, не ја пофали ниту еднаш. Море ни во партискиот отчет не ја споменуваа. Како да се срамат од неа.

И така некако ми дојде да прашам за „Ексико“, како што би отпеал Славе Димитров „Чија си, на кого радост ти му носиш“. Поминаа неколку години, а стана јасно дека швајцарската компанија води до семејството Мијалкови.

Е сега, му зеде државата со судска нагодба околу триесет милиони евра, ама, сепак, му останува за „каква-таква“ живеачка повеќе од доволно. Арно ама, се шушка дека американскиот тим за санкции е заинтересиран за „кејсот“.

Па, ајде да видиме дали на крајот ќе му дојде да викне „ексик и „Ексико и сѐ“! Или ќе има „хепи енд“ за него. Ма, ексик сѐ, бре!

Понеделник 12/12/2022

„ЈАВНА ТАЈНА“

„Корупцијата е меѓуетничка, заемна, таен договор меѓу етничките водачи, кој помага да се зголемуваат етничките тензии. Корупцијата ја ослабнува државата…“

Ова се констатации во извештајот „Македонска јавна тајна – како корупцијата ја влече земјата надолу“, подготвен од Меѓународната кризна група во 2002 година.

И по две децении, „македонската јавна тајна“ е уште повеќе актуелна, освен што можеби веќе не е тајна за никого.

Интересно е што, иако тогаш беше оценето дека „корупцијата е меѓуетничка, заемна, таен договор меѓу етничките водачи“, сепак не се случило некој албански функционер да заврши зад решетки. Македонците барем чат-пат.

Како да има некаков „таен договор“ меѓу етничките водачи за ваков третман на фаците од ДУИ, а со благослов на децата на Јустиција! Патем, фино-лепо ДУИ си натна „зелена агенда“ зашто знаат дека корупцијата за нив е нешто страно! И минато, де…

Вторник 13/12/2022

ЦРНОТО Е БЕЛО!?

Интересен феномен ми се американските црни листи. Особено, што очекува Вашингтон од локалната власт кога некој нејзин фактор ќе се зацрни на американската листа!

Еве, да не заборавиме дека Мендух Тачи и Љубе Бошкоски одамна се овековечени на „црњакот“, ама тоа не е пречка да бидат дел од актуелнава власт. Не сум чула дека Заев или Ковачевски имале некакви „примедби“ за овие црни коалициски партнери!

Или, можеби троа обелуваат додека ги поддржуваат крупните проекти од типот на Договорот од Преспа или оној со Бугарија и особено ако ја поддржуваат осудата и санкциите кон Русија!

Така си помислив зашто не гледам дека и Сашо (З)Мијалков нешто финансиски рокна затоа што доби статус на црната листа. Или, сепак, ќе има американска завршница? Како и за неколку други познати „капиталци“.

 

Поврзани новости