Екс советникот на Тодоров добил отказ од министерството за здравство, но се уште зема 2.500 евра месечно од Проектната единица

by Fokus

Поранешниот државен советник на екс министерот за здравство Никола Тодоров и неговата десна рака, Јован Грповски пред еден месец добил отказ од министерството за здравство, но се уште е раководител на Проектната единица на Банката на Советот на Европа, од каде што на месечно ниво зема по 2.500 евра, дознава „Фокус“ од извори во ресорното министерство.

Еден од најблиските соработници на Тодоров во оваа проектна единица е веќе три години, а од оваа банка во здравство се земаат сите кредити за изградба и реконструкција на болници. Седиштето на Проектната единица е лоцирано во близина на поранешната кафана Галија. Нашите извори уште тврдат дека таму само за кирија се плаќаат околу 3.000 евра.

Поранешниот советник на Тодоров, заедно со премиерот Зоран Заев и со новиот министер за здравство Венко Филипче присуствуваше и на средбата со делегација на Банката за развој на Советот на Европа, каде главна тема на муабет беше изградбата на новиот Клинички центар, за што пари се обезбедени токму од оваа банка.

Дополнително, Грповски како државен советник во ресорното министерство земал повеќе од 30.000 денари плата во периодот додека Тодоров раководеше со ресорното министерство.

Од министерството за здравство за „Фокус“ ги потврдија информациите, но не добивме одговори до кога тој ќе раководи со Проектната единица и каква е понатамошната процедура.

Грповски во 2012 година седна на директорското столче во Фондот за здравство во периодот кога тогашната директорка Маја Парнаџиева – Змејкова замина на породилно боледување.

Ирена МУЛАЧКА 

Поврзани новости