Екс директорот обвинуван за сексуално вознемирување работи како инспектор

by fokus

Поранешниот директор на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, Перо Арсеновски кој имаше скандалозно досие, по разрешувањето на почетокот од годинава, бил вратен на своето работно место, односно сега е инспектор за надзор на виското образование.

Информацијата на „Фокус“ ја потврдија и од Државниот просветен инспекторат, од каде објаснуваат дека Арсеновски бил вратен на претходното работно место.

-Согласно постојната законска регулатива работно место е во мирување за избрано или именувано лице, а по завршувањето на мандатот, лицето е вратено на претходното работно место. Со оглед на тоа што поседува лиценца за инспектор, ги исполнува законските услови во моментов е на работно место инспектор во oдделение за инспекциски надзор во високото образование, научните институти и студентските домови, велат од Државниот просветен инспекторат за „Фокус“.

Арсеновски беше разрешен на барање на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски со образложение дека за него имало бројни поплаки, како и дека со неговото однесување предизвикал бурни реакции во јавноста и нанел голема штета на училиштето.

-И покрај тоа што претходниот директор беше повторно предложен да раководи со најголемото училиште во Аеродром, од етички и морални причини градоначалникот Тимчо Муцунски одби да го именува на таа функција со цел заштита и одржување на угледот на училиштето, на наставниот кадар и на самите ученици, рекоа од Општина Аеродром.

Претходно во декември минатата година, Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права информираа дека Граѓанскиот суд во Скопје утврдил постоење на насилство од директорот кон вработена во истото училиште.

Вработената издејствува од мерки за заштита од базирано насилство , но од него се жалеа и повеќе жени, вработени во училиштето, но и мајки на ученици пријавуваа и предупредуваа за недолично однесување.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Поврзани новости