Екс директорот на Катастар вели дека се води политичка хајка против него и најавува контра пријава против Финансова полиција

by fokus

Поранешниот директор на Катастар, Славчо Трпески, ги демантира наводите на Финансова полиција која денеска со соопштение до јавноста информираше дека против него е поднесена кривична пријава. Финансова го товари Трпески дека како физичко лице склучил договор за консултантски услуги и својата стручност му ја продавал на Катастарот на Србија. Трпевски вели дека тоа е неточно и невистинито.

„Сакам да ја информирам јавноста дека на барање на Светска банка ми претставуваше и ми претставува особена чест да работам на проектот финансиран од истата и со моето знаење и искуство да го помогнам развојот на катастарот на Република Србија. Со мојот ангажман како советник на катастарот на Србија не е прекршен ниту еден член од ниту еден закон, не сум ја злоупотребил својата позиција, ниту пак сум отворал патни налози или пријавувал патни трошоци за бензин ниту пак сум користел службени возила или подигнувал дневници во функција на овој мој советнички ангажман. Најголемиот дел од мојот ангажман го вршев од Република Македонија користејќи ги модерните алатки за комуникација, додека за одењето во Република Србија исклучително се користеа неработни денови или денови од годишниот одмор, а сите трошоци се подмируваа од страна на банката за што постојат докази“, вели Трпески.

Тој додава дека кривичната пријава е неоснована. Екс директорот смета дека станува збор за класична политичка хајка против него заради неговите активности со кои, како што вели, се спротивставува на штетните политики кои ги спроведува актуелната власт.

„Дека се работи за политичка хајка доволно е само да Ве информирам дека денес од вас медиумите дознав за оваа кривична пријава, односно воопшто во изминатиов период финансиската полиција од мене не побара никакви изјави, појаснувања, документација или појаснувања за предметот кој го воделе. Исто така би сакал да посочам дека советнички и консултатнстки ангажмани имаат и голем број на лица од сите општетствени дејности, меѓу кои и судии, обвинители и државни службеници кои даваат консултантски услуги во  земјата и странство со што секако не прават кривични дела бидејќи истото е со закон дозволено“, додава тој.

Трпески тврди дека политичката хајка против него е со цел да се покрие слабата работа на актуелното раководство на македонскиот катастар.

„Во ситуација кога актуелниот директор на катастарот Борис Тунџев спротивно на Изборниот Законик за време на избори ги промени сите 30 директори на подрачни одделенија на катастарот како и сите државни службеници кои во изминативе 10 години ги донесоа реформите во катастарот, во ситуација кога истиот Борис Тунџев е актуелен в.д директор на катастарот и истовремено сопственик на приватна геодетска фирма, а неговата сопруга е управител на истата спротивно на Законот за судир на интереси и многу други закони, во ситуација кога се најави зголемување на цените на услугите кои ги даваат приватните геодетски фирми и кои цени претстојниов викенд во Струмица треба да бидат детализирани, СДСМ одлучи да прави политички прогон  против лица докажани во својата струка и барани од светски меѓународни организации без ниту еден доказ се со цел да се оттргне вниманието од актуелната политичка ситуација во земјата“, стои во неговиот одговор.

Тој најавува контра пријава за сите инвовлирани лица кои го товарат за кривично дело затоа што вели, неосновано му се нарушени честа и угледот и предупредува дека со „политичката хајка“ против него ќе бидат запознаени сите меѓународни институции.

Поврзани новости