Турското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека градоначалникот на Истанбул – Екрем Имамоглу е сменет од функцијата откако турскиот суд официјално го уапси под обвинение за корупција.
Градското собрание на Истанбул, каде што главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови, по соборувањето на Имамоглу, објави „Ројтерс“.
Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противник на претседателските избори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамисливи клевети“.
Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, велејќи дека судството е независно.
Турскиот претседател, кој владее со земјата повеќе од 22 години, во саботата ја обвини партијата ЦХП на Имамоглу дека се обидува да ја „провоцира нацијата“ и рече дека нема да толерира вандализам.
Имамоглу (54), кој според некои истражувања на јавното мислење имал поголема поддршка од Ердоган, требаше да биде назначен за официјален кандидат на ЦХП на следните претседателски избори, пренесува Танјуг.