Ековита: Делков ги игнорира граѓаните, на каков јазик да кажеме НЕ за загадувачки индустрии?

by Fokus

Кога еден градоначалник, во случајов Тони Делков, градоначалникот на Неготино, ги игнорира граѓанските здруженија од општината, со самото тоа ги игнорира и своите граѓани! Не поминаа ниту две години откако во Неготино населението го крена својот глас против изградба на депонија за индустриски отпад, еве повторно се актуелизираат проекти на штета на здравјето на народот, но и на животната средина. На каков јазик овој народ треба да ја каже пораката дека не сака и не дозволува влез на загадувачки индустрии? –во разговор за ,,Фокус” прашува дипломираниот биолог и претседател на Здружение на граѓани Ековита, Сашко Тодоров.

Тој појаснува дека на јавната расправа по повод најавена изградба на гасна централа во Дуброво, Неготино, кога помеѓу присутните беше и премиерот Зоран Заев, градоначалникот Делков и локалната самоуправа имале игнорантски однос кон здружението. До истото, била доставена покана за присуство на настанот, потпишана од градоначалникот, на која било наведено дека може да присуствуваат само две лица. Токму од поканата која Ековита ја објави на својата страница, пошироката јавност во Неготино дозна дека доаѓа премиерот, но и дека наголемо се планира изградба на гасна централа за согорување на отпад во градот, познат по лозарството.

-Од јавната расправа по повод најавената изградба на гасна централа која ќе согорува комунален отпад од цела Македонија, локалната самоуправа имаше игнорантски однос кон здружение на граѓани ЕКОВИТА, и покрај претходно договореното. Модераторот Делков не ја најави ЕКОВИТА на трибината, а од техничкиот персонал имав отпор и одбивање да ја приклучат презентацијата на видео проекторот, за да ги претставам ставовите на нашето здружение. Но, упорноста се исплати, ги презентиравме ставовите на ЕКОВИТА, пред присутните во салата. И покрај јавниот став дека сакаат партнерски однос и соработка со ЕКОВИТА, не го одржаа својот збор и не донесовме заеднички став во врска со најавената инвестиција, премногу беа пристрасни кон инвеститорот- појаснува Тодоров, приложувајќи ја листата на говорници, во која е изоставен тој како претставник на здружение на граѓани, и покрај тоа што неговото излагање пред присутните заврши со аплауз.

Во градот бурни се реакциите по најавата за изградбата на гасна централа која ќе согорува отпад, а за која премиерот Заев убедува дека ќе биде затворен систем без оџак. Граѓаните на социјалните мрежи посветени на градот бараат да се слушне нивниот глас, и да не се оди против нивната волја. Велат дека место за загадувачка индустрија во лозарски крај, во чија близина е и воениот полигон Криволак, каде се чести вежбите на НАТО армијата – нема.

Стравуваат за своето здравје и за животната средина, и бараат отворање на винарии, на фабрики за производство на продукти од грозје, а не депонии. Револтирани се што јавната расправа поминала со мал број на присутни, зад затворени врати, поради ковид мерките, наместо да се случи на отворено, па и граѓаните да добијат можност да го кажат своето мислење, но и да поставуваат прашања на темата која лично го засега целото население.

-Тоа што го изјавува премиерот, дека ќе биде затворен систем без оџак, не е точно. Станува збор за загадувачка индустрија! Материјата не може да се создаде ниту да се изгуби, туку може да премине во друг вид на соединение, при што се ослободува енергија. Значи, органскиот отпад во посебна комора за пиролиза, тоа е процес на разградување на висока температура од 800 степени, каде отпадот се претвора во гас, кој подоцна ќе се гори во друга комора на 1.200 степени во присуство на кислород и тука ќе се ослободат издувни гасови кои мора да се отстранат од централа со оџак, а никаде не претставија дека ќе се прочистува со филтри. Спомнаа дека седум проценти останува пепел, но што е со останатите 93 проценти од отпадот, како ќе се прочистува, отстранува и каде ќе се депортира, тоа е огромна количина што ќе испаѓа во гасовита состојба и ќе ја загадува околината – тврди Тодоров.

Неговото излагање пред присутните во Неготино, не го спомна ниту премиерот Заев во официјалното соопштение објавено на страницата на Владата по повод настанот. Пишува дека на дебатата за инвестиција во фабрика за преработка на отпад во Неготино, покрај премиерот се обратиле и градоначалникот Делков, Лазе Филипов, проект менаџер на ,,Зока Енерџи Солушн” и Иво Креча, претставник на ,,Грин Инвестмент”.

Граѓаните реагираат поради игнорирањето на излагањето на Ековита, во кое беше пренесена пораката дека според веќе направени анкети, тие кажале Не за гасна централа, но и се изјасниле дека локалната самоуправа не е транспарентна.

-Локалната самоуправа работи нетранспарентно, нема искреност, не соработува и не ги информира граѓаните, а тоа предизвикува сомнеж дека се привлекуваат сомнителни инвеститори со загадувачки индустрии, како што беше и случајот со депонијата и фабриката за РДФ гориво минатата година во Неготино. За жал овие инвестиции им даваат лоша слика на нашите млади кои го напуштаат регионот загрижени за своето здравје – еколошка миграција – вели Тодоров, и прашува дали јавноста е запозната со минатото на Иво Крежа, кој се обрати во име на инвеститорот.

-Доволно е да се провери на интернет неговото име. Излегуваат голем број на статии објавени во регионални медиуми, а објавите не се воопшто наивни. Се работи за лице кое било осомничено и на кое му се судело, човек кој бил дел од раководството на централа КИВ Вранско, која отишла под стечај во 2013 година, а работниците не биле исплатени. Детално да се истражат сите информации за фабриката во Словенија, но и за нејзиното раководство, бидејќи пројавуваат дополнителен сомнеж за целото работење на ваква фабрика во нашата општина! Додека граѓаните очекуваат влез на нови инвестиции од современи технологии за преработка на грозје во нови иновативни производи, за да стане лозарството најпродуктивна земјоделска гранка, на Неготино му се нуди да стане град на отпадот! Жално е што Локалната и Централната власт не ги информира и не ги консултира своите граѓани кога се носат одлуки со кои се загрозува животната средина. Во мај, кога ја направивме анкетата за да провериме дали се почитува Архуската конвенција, дури 90 проценти од анкетираните се изјаснија против изградба на гасна централа. Тие податоци доволно кажуваат кој е ставот на жителите на општината, и тој мора да се почитува како од Локалната, така и од Централната власт – вели биологот.

Додава дека покрај најавата за гасна централа, загрижувачка е и најавата за активирање на Термоелектраната Неготино, но и Топилницата на челик на ИГМ Трејд, која ќе работи со електро печки, а за истата во интервју за магазинот Капитал уште пред околу седум месеци зборуваше Александар Гечев, син на Илија, основачот на компанијата. Тој потенцираше дека не дозволува дневно-политички партиски препукувања и маргинални лоби групи да застанат на патот на стратешката инвестиција, како што се случи во 2010 година, кога жителите на Неготино го кренаа својот глас против загадувачката индустрија.

-Да не се дозволи градот на грозјето да биде град на отпадот – повторува биологот и апелира да не се игнорира гласот на народот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости