Екипата на Црвен крст Охрид грубо избркана од спортската сала „Билјанини извори“

by Fokus

Екипа на Црвен крст Охрид, која на барање на Директорката на Здравствен дом Охрид била повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала „Билјанини извори“, денес била грубо избркана од страна на Сашо Денесовски, координатор на спроведување на масовната вакцинација во Охрид, тврдат од Црвен крст Охрид на социјалните мрежи.

Со жалење и неверување Ве известуваме дека денес, 4.5.2021 г., во 8 ч. екипата на Црвен крст Охрид, која на барање на Директорката на Здравствен дом Охрид беше повикана да помага во процесот на масовна вакцинација во спортската сала Билјанини извори, беше грубо избркана од страна на Сашо Денесовски, т.н. координатор на спроведување на масовната вакцинација во Охрид.

За жал, и овојпат личните комплекси и фрустрации на една личност победуваат пред потребите за асистенција и помош на лицата кои се вакцинираат и на олеснување на административната работата на оние кои се вклучени да го спроведуваaт вакциналниот процес, што е активност на волонтерите на Црвениот крст во сите земји во светот каде се спроведува масовна вакцинација против ковид-19.

Нашите волонтери остануваат подготвени доколку има потреба да продолжат во помагање и олеснување на процесот на вакцинација против ковид-19 на вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид во Општата болница Охрид, се вели во Фејсбук објавата на Црвен крст Охрид.

Поврзани новости