Ефто Пупиноски со нов албум: Не можев да побегнам од музиката

by Fokus 15:25
15:25

Популарниот фолк музичар Ефто Пупиноски сними нов албум. Истиот го носи насловот ,,Носталгија” и на него има десет песни.

За проектот кој е поддржан од Министерството за култура на РМ, Пупиноски вели дека тој е автор на музиката на сите десет композиции, додека автори на текстовите, покрај него се и Огнен Неделковски, со четири текстови и Тања Петровска, со три текстови. За шест од аранжманите бил задолжен Ефто, а за останатите четири – Сашо Ливрински.

- Advertisements -

– Материјалот за ,,Носталгија” се снимаше во студијата „Подрумот“ и „Анастасија”. Во мојот работен век се занимавав со неколку професии. Бев успешен во сите, но мојот заклучок е дека никој не може да побегне од себе. Така, јас не можев да побегнам од уметноста, поконкретно од музиката. Едноставно таа е во мене, а јас ја изразувам на мое задоволство и на задоволство за сите оние на кои моите песни им предизвикуваат посебно задоволство. Така, тоа што и на овие години творам (компонирам) е логична последица на гореизнесеното. Музиката кај мене ја одредува смислата на мојот живот – ни изјави Пупиноски.

Тој на почетокот на октомври заминува на голема турнеја низ Австралија, која ќе трае еден месец.

– Во Австралија сум бил повеќе од петнаесет пати и секогаш при секоја турнеја тоа за мене претставувало посебно доживување. Во оваа прилика патувам заедно со групата „Милениум“ од Битола. Планирано е да одржиме 8 концерти. Како досега, така и сега дружењата со нашите во Австралија ќе бидат празник на емоции за нивните души. На репертоарот ќе бидат македонски песни и ора, започнувајќи од старите македонски изворни песни, па се до моите авторски народни песни кои сега се веќе обнародени меѓу македонската популација. „Лихнида кајче веслаше“, „Туѓа си бескрајно“, „Прости ми душо моја“, „Тинка Катинка“, „Ах,ах, Ана“, „Зоро, моја Зорице„, „Сакам да сум крај тебе“ и многу други – вели Пупиноски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости