ЕФН го поддржа ЗНМ: Судот ја нарушува слободата на печатот, да се преиспитаат одлуките за новинарите

by Фокус

Европската федерација на новинари се приклучи кон Здружението на новинари на Македонија како нејзина членка во барањето да се преиспита пресудата на скопскиот граѓански суд, со кој се отфрли тужбата на Горан Трпеновски за нанесена психолошка штета додека известувал за време на упадот во парлаентот на 27 април, меѓу другото, и со образложение дека тогаш работел за интернет портал, кој, според толкувањето на судот, не бил медиум.

ЕФН и ЗНМ сметаат дека со оваа пресуда се кршат европските правни стандарди за слобода на печатот, дефинирани од Европскиот суд за човекови права. Оваа пресуда ја прекрши и судската пракса на Апелациониот суд во Македонија со која се потврди дека не треба да им се ускрати позицијата на новинар на професионалците кои работат во интернет медиумите. Со оваа пресуда со која се нарушува слободата на печатот“, соопштија од ЗНМ.

На 27-ми април 2017 година, за време на протестот во Скопје кој што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот. Еден од нив беше и Трпеноски, кој вчера беше одбиен од Граѓанскиот суд во Скопје кој не му го призна статусот на новинар.

Откако кон него беа упатени закани, се одлучи да поднесе тужба за попречување на правото за пристап до информации и нанесената психолошка штета. Вчера, во својата пресуда, судијката Јованка Спировска Панева објасни дека во тоа време Трпеноски не бил новинар затоа што работел за онлајн медиумот (sdk.mk), што според Законот за медиуми не се смета за медиум. Понатаму во оваа пресуда, судот не го признава правото на информација како уставно право.

ЕФН и нејзината членка ЗНМ го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука. Претходно, судот ги одби тужбите на Душица Мрѓа, Наташа Стојановски и други новинари, кои ваквите пресуди ги обжалија пред повисокиот апелациски суд. Инаку, случајот со тужбите на новинарите се најде и во извештајот на Стејт Департментот.

 

Поврзани новости