Атанасов: Перницата на која лежеше Шекеринска беше црвена од крв, но таа рече прв во болница да се носи шефот на обезбедувањето

by fokus

Заменик министерот за образование Петар Атанасов во моментот во Кривичниот суд сведочи за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието.

-Кога толпата хистерично влезе во прес салата, со викање, веднаш се упатија кон Зоран Заев, бидејќи го извикуваа неговото име. Јас бев во негова близина, но мене ме турнаа и паднав, а Заев со останатите беа истуркани во ќош. До мене се најде пратеничката Милева Ѓорѓиева која се жалеше на страшни болки, по што со помош на 30-годишен маж, за кој не знам кој е и ден денес, ми помогна да ја изнесеме од салата. Ја однесовме во амбулантата во Собранието, а таму беше пратеничката Радмила Шекеринска и шефот на обезбедувањето на Собранието, кој исто така се жалеше на болки, рече Атанасов.

Тој додаде дека во просторијата влегувале дел од обезбедувањето кои го прашувале шефот што да прават.

-Го прашуваа: Што да правиме, зошто сме само десетина? На прашањата не добиваа одговор бидејќи нивниот шеф се жалеше дека има болки, рече Атанасов.

Како што рече Атанасов во еден момент дошол Никола Тодоров по што следувал договор кој прв да се однесе во болница.

-Шекеринска лежеше на перница која стана црвена од крв, и така веќе лежеше еден час, но таа рече прво да се однесе шефот на обезбедување кој се жалеше на болки. Така и беше, а по половина час ја однесоа и неа, рече поранешниот пратеник.

Поврзани новости