Еднократна употреба на заплашувањето со бегалци, Груевски ги замени со марихуана и геј бракови

by fokus

Стравот од населување на бегалци и изградба на државни станови во кои би се сместиле, изветреа паралелно со привршувањето на локалните избори. Партијата на Никола Груевски, затекната од изборниот пораз, повеќе не го покренува ова прашање. Заканата секојдневно се повторуваше од говорниците на ВМРО-ДПМНЕ по распишување изборите иако од Министерството за труд и социјална политика упорно демантираа велејќи дека е фикција и чиста измислица на партијата.

Се чини, пак, дека Груевски деновиве го замени стравот од бегалски бран со заплашувања за легализација на марихуана и геј бракови. Во својот вчерашен говор пред граѓаните на Росоман, Груевски продолжи да демонизира во свој стил партии, поединци и категории на луѓе. Рече дека СДСМ има намера да го „сузбие секој слободномислечки Македонец“ и „да создаде претстава дека модерно е геј бракови, хомосексуални бракови да посвојуваат деца, да се легализира марихуаната, да се максимизира алкохолот.“

Плашањето со вештерки продолжува, но во друг формат, или се бегалци или геј бракови. Но што се случи со референдумите за изјаснување за или против населување на мигранти кои ги изгласаа повеќе општински Совети низ Македонија?

Советниците и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за одржување на референдум изгледа подзаборавија на нив откако Државниот инспекторат за локална самоуправа им забрани да се одржат на ист ден со локалните избори. Сепак овие Општини не ги презакажаа за друг датум.

Општина Штип е меѓу првите кои гласаа за одржување на референдум. Битката во оваа општина ќе биде неизвесна до вториот изборен круг по што ќе се знае дали ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе владее со штипјани. Нивниот градоначалник, Илчо Захариев, во телефонски разговор ни призна дека заборавил на референдумот затоа што одамна никој не се навратил на ова прашање. Сепак додава дека доколку остане на власт одлуката на Советот кога тогаш ќе мора да се испочитува.

-Не сум помислил одамна на тоа. Се уште сум на став дека нема да прифатиме на територија да се изградат бегалски кампови, затоа што ги имаме предвид случувањата во Брисел, Берлин, Келн, Ница, силувањата од страна на интегрирани бегалци и така натаму. Мора да се заштитиме – вели Захариев.

Додава дека намерата била референдумот да се одржи во ист ден со изборите поради поедноставна организација и заштеда на средства.

-Ценевме дека треба да ја искористиме поевтината варијанта и пониските трошоци. Лично мислам дека она што ние го направивме како град не е негативно, тоа е позитивно, мораме да се заштитиме, не знаете што крие човекот во себе. Не знаеме кој и што ни доаѓа во државата. Референдумот е најдемократско право – додава тој.

Но откако Советот го изгласа, Штип имаше четриесет дена да го организира граѓанското демократско право на референдумско изјаснување, па сепак како и сите други општини не го стори тоа. Доколку новите градоначалници сакаат да се одржи референдум ќе треба повторно иницијативата да ја стават на гласање во Советот. Законот за референдум и други облици на непосредно граѓанско изразување предвидува дека од денот на објавувањето на одлуката на советот во службеното гласило на општината, до денот на гласањето, треба да поминат најмалку 25 и најмногу 40 дена.

Референдуми инаку изгласаа повеќе општини со кои управуваше ВМРО-ДПМНЕ. Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Кочани, Неготино, Кавадарци, Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Гевгелија, Радовиш се меѓу 20-тина општини во кои требаше на денот на изборите граѓаните да гласаат за или против населување на мигранти во нивната општина. Политиколозите тврдеа дека се работи за манипулација со цел да се придобијат гласачите на своја страна. Овој пат времето покажа дали е тоа така.

Маја Васева

 

Поврзани новости