Едно е сигурно, ноќта во Битола ќе се памти, вели Зеле од ,,Дивље јагоде”

by fokus

Обожавателите на легендарниот хард рок состав „Дивље јагоде“ ќе можат да уживаат во нивниот концерт кој ќе се одржи на ракометното игралиште во Битола на 21-ви јули, со почеток од 21 часот.

Со музичка кариера која започна во 1978 година и се уште нема забава низ екс Ју просторите која може да помине без нивните култни хитови „Једина моја“, „Криво је море“, „Заувјек твој“, „Не желиш крај“, „Марија“, „Како си топла и мила“ и многу други, тие се бенд кој остави свој траен белег во дискографијата.

Столбот на „Јагоде“, Зеле Липовача кој се радува на дружбата со македонската публика, во разговор за „Фокус“ појаснува дека ова е всушност нивни прв настап по долгата пауза предизвикана поради пандемијата со корона вирус.

-Нашиот последен студиски албум „Џубокс“ го реализиравме можеби десет дена пред Балканот, но и целиот свет да се затвори и да започне да се бори со короната, која дојде ненајавено и музичарите ширум светот, во голем број ја дочекаа неподготвени.

Ако зборуваме за „Дивље јагоде“, и не е се така црно, бидејќи пред потполниот локдаун успеавме да направиме промоција на албумот во повеќето главни градови во регионот.

Колку што се сеќавам, последната промоција беше во Скопје, а Битола ќе биде наш прв концерт во Македонија, после долгата пауза во која немаше никакви концертни активности- раскажува гитаристот, композитор и продуцент, кој зад себе има песни кои се хитови на низа на генерации и чија популарност одолева на забот на времето.

Со дванаесет студиски албуми, илјадници концерти, десетици хитови, стотици песни, милиони продадени плочи, за „Дивље јагоде“ не напразно се вели дека ги преминуваат границите и времето.

-Поминаа многу години од нашиот последен настап во Битола. Ова би требало да биде трет концерт на „Јагоде“ во овој македонски бисер и ние искрено се радуваме на настанот. Се надевам дека такво расположение владее и во Битола. Едно е сигурно, ќе биде тоа ноќ и концерт за памтење – ни изјави Зеле.
Влезниците се во продажба од 7-ми јули преку mktickets.mk и karti.com.mk. Влезниците во промо период до 11 јули, се по цена од 400 денари а потоа по 500 денари. Концертот е во организација на „Сцена продукција“, а со поддршка на Општина Битола и Казино Адмирал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости