Една изборна единица не е соодветна за земјава, смета спикерот Џафери

by Fokus

Една изборна единица за избор на пратеници не е соодветен модел за С Македонија, според оцената на првиот парламентарец Талат Џафери, пишува 360 Степени.

Одговарајќи на прашање за неговиот личен став за изборниот модел, Џафери на денешниот брифинг не посочи повеќе аргументи зошто смета дека концептот, кој со години наназад го преферираат, главно, помалите партии, не би бил адекватен за политичката рамка во земјава.

Тој нагласи дека нема идеален изборен модел и рече дека тоа е неговото размислување, базирано на искуствата од изборните циклуси за пратеници од 2002 година наваму, кога беше воведен пропорционалниот модел со шест изборни единици, кој опстојува речиси две децении, и покрај повеќето обиди за промена.

Џафери информира дека вчера во Собранието повторно заседавала работната група меѓу партиите, чии консултации се очекува да финишираат со предлог за нови измени на Изборниот законик пред локалните избори наесен, а не е исклучена ниту можност за донесување нов закон за избори, поради честите промени во периодот од 2006 година досега, пред речиси секој изборен циклус, кои создадоа повеќе недоречености во оваа регулатива. Сепак, спикерот посочи дека нема информации за разговорите во работната група, затоа што, како што наведе, тоа е неформално тело во кое учествуваат најголемите партии.

Владата пред извесно време, практично, осуети уште еден обид на помалите партии, кои првично имаа поддршка и од СДСМ, за воведување една изборна единица за парламентарни избори. Во мислење, потпишано од првиот вицепремиер Артан Груби, Владата не изрази позитивен став во однос на предлогот на група пратеници од коалицијата на СДСМ, но и од опозицијата, кои предложија измени на Изборниот законик, со цел промена на моделот за парламентарни избори.

Во мислењето на Владата за предложениот закон се посочува дека во декември минатата година е формирана работна група во Министерството за правда (во која се вклучени и претставници на најголемите политички партии) за изработка на сосема нов изборен законик, со оглед на тоа што во изминатите петнаесетина години се направени повеќе од 30 промени што ја прават изборната регулатива неконзистентна, тешко читлива и сложена за имплементација.

Кон крајот на мандатот на минатиот собраниски состав, исто така, пропадна уште еден обид на помалите парламентарни партии за една изборна единица. Предлог-измените на Изборниот законик што беа поднесени тогаш беа блокирани со илјадници амандмани, во најголем дел од владејачката ДУИ, која не се согласува пропорционалниот изборен модел да се сведе на еден изборен регион. Така, и последните парламентарни избори, во јули минатата година, беа организирани во шест изборни региони, а евентуалната промена на изборниот концепт беше оставена за следните избори, што во редовен термин би се одржале кон средината на 2024 година.

Владејачката СДСМ, пак, декларативно ги поддржува идеите за една изборна единица, наспроти ВМРО-ДПМНЕ, која долго време се залагаше за враќање на мнозинскиот изборен модел (со 120 ИЕ и во два круга), што беше целосно напуштен во 2002 година. Сепак, во последниот период, од најголемата опозициска партија имаше навестувања дека омекнува во однос на можноста за една изборна единица, со тоа што „за возврат“ очекува промена во мнозинскиот модел за избор на градоначалници, односно сведување на гласањето во еден наместо во два круга.

Поврзани новости