Едмонд Темелко останува зад решетки, притворот му е продолжен за 30 дена

by fokus

Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец, и понатаму ќе остане зад решетки во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи откако вчера му истече 30-дневниот притвор, од Кривичниот суд информираат дека мерката му е продолжена за уште 30 дена.

Темелко беше уапсен на 26 минатиот месец, додека седел во еден познат скопски ресторан во близина на Владата. Темелко, но и неговите адвокати, пак тврдеа дека самиот се пријавил на полицијата.

За Темелко беше распишана централна и меѓународна потерница, откако Кривичниот совет на Основниот суд во Скопје го прифати барањето на СЈО и му определи 30-дневен притвор, бидејќи во СЈО имале сознанија дека ја преминувал границата и ја напуштал државата.

И покрај судската одлука да не ја напушта Македонија, Едмонд Темелко, наводно, во изминатиот период неколкупати ја минал границата користејќи албански исправи за идентификација. Инаку Темелко е градоначачник на општината Пустец, во Албанија, па претпоставката е дека одел во Пустец, за да ја извршува својата функција.

Темелко е обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.

В.В.

 

Поврзани новости