Единственото девојче помеѓу 47 момчиња за кои се грижеше Есма – Елеонора го продолжува нејзиното дело

by Fokus

Елеонора Мустафовска, единственото девојче помеѓу 47 момчиња за кои се грижеше кралицата на ромската песна, Есма Реџепова Теодосиевска, заедно со Симеон Атанасов, кого Есма го одгледа како свој син, и нејзината долгогодишна менаџерка Весна Ѓорѓиевска го продолжуваат нејзиното музичко дело.

Заедно со ,,Esma,s Bend Next Generation’’, бенд кој што постои со години наназад и е наследник на ансаблот Теодосиевски, тие со засилено темпо работат на нови материјали, гостуваат на фестивали низ светот, и ја промовираат музиката, за која велат дека им е аманет од Есма.

,,Бендот се состои од шест членови, а главна вокалистка е Елеонора. Таа воедно е и единствениот женски вокал во светот чиј професор беше покојната Есма Реџепова. Исто така, покрај многуте момчиња, Елеонора е единствената девојка за која се грижеше и ја воспитуваше Есма. Инаку, бендот постои многу одамна, и е наследник на ансамблот Теодосиевски, но во чест на Есма се ребрендираше во ,,Esma,s Bend Next Generation’’ – вели Ѓорѓиевска, која својата соработка со Реџепова ја започнала уште во далечната 1993 година.

Таа заедно со Симеон Атанасов ја предводи концертната агенција VS Music Production. Додава дека по смртта на Есма настапиле на неколку познати светски музички фестивали, како Khamoro во Прага, Balkan Trafik во Брисел, Welcome in Tziganie во Франција. Насекаде биле топло дочекани, имале одличен прием од публиката, која во нив го гледала продолжувањето на музичкото дело на Есма.


Деновиве се актуелни со новата песна и спот, ,,Crazy Jungle Rhythm’’, за која веруваат дека ќе стане хит. ,,Автор на текстот, музиката и аранжманот сум јас, додека режисерот Дарио Јанковиќ сними интересен спот за песната. Се работи за весела, забавна нумера, која бргу се лепи за уво, и веќе добиваме позитивни реакции од публиката’’ – изјави Атанасов.
Кралицата на Ромската песна и голема хуманитарка, Есма, почина по кратко боледување на 11 декември 2016 година, на 73 годишна возраст. Набргу по нејзината смрт, нејзини блиски роднини, односно внуци од сестри и браќа најавија дека ќе се борат за нејзиното наследство, кое според тестамент, и го оставила на Република Македонија. Уште тогаш, менаџерскот тим на Есма, Ѓорѓиевска и Атанасов, ни изјавија дека тие се надвор од сите случувања и сакаат да го задржат добриот спомен на Реџепова.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости