ЕДЕН ПОИНАКОВ ПОГЛЕД НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ТРАНФОРМАЦИЈА НА РАБОТЕЊЕТО/НОВА ВИЗИЈА

by Fokus

 Пишува м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанска комора на Македонија

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од КОВИД-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење. Ако некогаш користењето на дигиталната технологија се правеше од љубопитност и претставуваше опција во работењето, денес во услови кога секој од секого мора да се дистанцира, користењето на дигиталната технологија станува неопходност. Прашање е само дали дигитализацијата ќе стане неопходен избор во работењето на институцијата поради состојбата со пандемијата или ќе стане фундаментална деловна стратегија на институцијата. А можеби и мешавина од двете.

И за да го продолжи своето работење во интерес на своите членки, чии барања во овој период се зголемија, а од друга страна да го заштити здравјето на своите вработени, Стопанската комора на Македонија беше меѓу првите институции која направи трансформација во своето работење и го примени виртуелното работење со користење на дигиталната технологија. Тоа овозможи дел од вработените да работат од дома, а сепак да не се наштети на тековното работење. Со трансформации и реорганизации во работењето, Комората има искуство уште од 1932 година кога станува советодавен и помошен орган на тогашната државна власт, потоа во 1945-тата година кога Комората е нужна потреба за спасување на македонските стопанственици веднаш по ослободувањето со функција на помошен орган на власта и врска помеѓу стопанствениците и државната власт. Трансформации и реорганизации се случувале низ целиот период сѐ до 1962 година, кога е формирана како единствена Стопанска комора на Македонија, мост помеѓу бизнисот и државата. Најголемата трансформација во работењето ја доживува во 2002 година, кога со посебен Закон за стопанските комори, под одредени услови, се дава можност да се формираат и други комори. А трансформацијата на работењето за Комората значи: да се прифати ризикот и да се оди чекор напред пред сите.

Работењето од дома има свои предизвици, предности и слабости. Работните простории на колегите кои работаат од дома се празни, но процесот на работа и понатаму тече, зошто мораме да ги решаваме проблемите на нашите членки и да отвораме канали на комуникација со Владата и државните институции. За колегите Љупка Самарџиска, задолжена за правните работи во Комората и Сашо Деспотоски, одговорен за Здружението за текстилната и кожарската индустрија, дигиталната технологија го олеснува работењето од дома. Според неа, „дигиталната технологија дава можност непречено да се вршат работните обврски и да се учествува на состаноците на работните тела без разлика каде и да сме. Вебекс (Webеx) платформата овозможува членовите на Собранието на Комората да одржуваат виртуелни дебати, а преку електронската збирка на прописи што ја користи Комората се следат најновите прописи и навремено се информираат членките“. Додека за колегата Сашо Деспотоски, таа дава можност да се биде во постојана комуникација со членките на здружението и да се бараат заеднички решенија за намалување на негативните влијанија предизвикани од корона вирусот, сѐ со една единствена цел: да се зачуваат работните места и да опстојат компаниите во наредниот период.

Колегите кои работаат на проекти сметаат дека работењето од дома има свои  недостатоци. Ако од една страна, работењето од дома значи флексибилно работење и заштита на здравјето, од друга страна, проектите кои во моментот ги спроведува Стопанската комора на Македонија, бараат директно учество и присуство на сите чинители. За колешките Ирена Мојсовска, Јадранка Аризанковска и Ивана Крстевска од секторот за проекти, сериозен проблем е пристапот до документите во печатена форма кои се неопходни за секојдневното работење, што сериозно штети на продуктивноста во работењето и професионалниот амбиент за работа и соработка.

И на некој начин додека се навикнуваме на „новото нормално“ и работа без работно време, колешката Сања Николова задолжена за меѓународната соработка смета дека со овој начин на работа отсуствува тимската работа и физичката комуникација со колегите која е повеќе од потребна за размена на идеи и мислења за одредени процеси и активности, а за колешката Елизабета Андриевска-Ефтимова од Центарот за едукација при Комората, тоа бара создавање работна атмосфера во домашни услови, поголема самодисциплина и мотивираност за да се биде продуктивен во вршењето на работните обврски, а изостанува реалната проценка на работодавачот за вложениот труд.

И токму кога ќе помислите дека во Комората нема никој, ја забележувате колешката Сузана Деспотовска која и во услови на вакво невообичаено работење го спроведува пописот во деловниот простор на Стопанската комора на Македонија.  Клубот на менаџери-претприемачи ја следеа виртуелната обукатана тема: „Важноста на компаниската култура за компаниски успех“, а колешката Валентина Цветковска, одговорна за клубот, смета дека и во вакво време на пандемија не смее да се занемари општествената одговорност на компаниите.

На петтиот кат колешката Даниела Михајловска Василевска со медиумите ја одржуваше виртуелната прес-конференцијата, посветена на предлог мерките за туризмот за 2021 година, а на третиот кат колешката од Центарот за квалитет, Емилија Тодоровска се подготвуваше за консултантските услуги што ги нуди Комората за имплементација на менаџмент системите за ИСО 9001, 14001, 22000 и 45001, како и ХАСАП и ХАЛАЛ (ISO 9001, ISO 14001, ISO 22000, ISO 45001, HACCP, HALAL). Немам дилема дека и во услови на пандемија, квалитетот во работењето е на прво место, а компаниите, наши членки, ги почитуваат стандардите и процедурите во работењето и водат грижа за здравјето на вработените.

Состојбата е непредвидлива и никој не може да каже што ќе се случи утре. Но, и со новиот начин на работење, редовно се следат економските параметри и се изработуваат анализи и анкети за состојбите од колегите Зоран Јовановски и Антонета Манова Ставреска, што и овозможува на Стопанската комора на Македонија, и понатаму да предлага мерки и решенија за проблемите со кои се соочуваат членките во процесот на производство и извозот во услови на пандемија.

П.С.Најважно од сѐ во овој период е да се работи на создавање поволна клима за работење на компаниите за да можат да ја одржуваат ликвидноста и да ги зачуваат работните места на вработените.

Во следното продолжение за редовното работење и арбитражното решавање на споровите пред Постојаниот избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

Поврзани новости