Еден од напаѓачите на новинарската екипа на протестите „За заедничка Македонија“ во понеделник на обвинителна клупа

by fokus

Во понеделник на обвинителна клупа седнува еден од напаѓачите на новинарот Александар Тодески и снимателот Владимир Желчески, кои беа нападнати пред повеќе од една година на протестите „За заедничка Македонија“.

Новинарот и снимателот беа нападнати на 28 февруари минатата година пред триунфалната порта, на вториот ден од протестите. Напаѓачите на екипата веднаш избегаа од местото, но беа фотографирани при бегство од страна на фоторепортерите.

По нападот, двајцата завршија на ургентен центар со потрес на мозокот, откако беа нападнати со клоци и боксови, а беше искршена и камерата на порталот А1он. Веднаш по нападот и пред да пристигне полицијата, напаѓачите избегаа.

Телевизија Телма по настанот јави дека заменик командант на полициска единица спречил полицаец кој бркал еден од напаѓачите на новинарската екипа, а полицаецот изготвил и службена белешка.

Заменик командантот, кој е дел од бомбите побарал од полицаецот да ја прекине потерата и да се врати кај повредените. Оваа информација ја потврди и тогашниот министер, актуелен заменик министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој тогаш рече дека ќе покрене дисциплинска постапка за заменик командантот, но за случајот нема да му се суди на него, туку единствено на еден од напаѓачите.

Иако полицијата приведе повеќемина за случајот, обвинителството поднесе обвинение за само едно лице, кое успеја да го препознае од фотографиите и од безбедносните камери на Градскиот трговски центар.

Поврзани новости