Еден Ахмети муч, цело ДУИ чуч!

by fokus 13:15
13:15

Пишува: Рамадан РАМАДАНИ

 Иако насловот може да измами, ова не е напис за односот на Али Ахмети со неговата партија ДУИ. За тоа сме пишувале порано, а сега е веќе доцна. И за Ахмети и за ДУИ. Тие се наоѓаат пред судбоносни избори во кои ќе им биде одредена судбината, поточно – нема да имаат веќе судбина. Постојат многу фактори, анализи и аргументи за ова мое смело предвидување дека ДУИ и Ахмети на овие избори ќе освојат најмногу два пратеника, и тоа само во шестата изборна единица, но јас ќе се задржам првенствено на знакови и симболики кои укажуваат на тоа.

- Advertisements -

Најголемиот од нив е дека единствениот спас и преживување на ДУИ и Ахмети на овие избори беше можен со нивно одвојување. Конечно, самиот да преземеше одговорност за сите неуспеси и да се потрудеше да ја одвои партијата од себеси за да не доживеат заедничка судбина. Но, ова не се случи, иако со ставањето целосно нови имиња во техничката влада, тоа беше насока за дејствување.

ДУИ ќе се потруди да продолжи по таа насока со ставање нови имиња и на пратеничките листи во другите изборни единици, но не и во шестката, каде што ќе се обиде да го надмине првиот хендикеп кој беше одредувачки и за техничката влада, а и сега за пратеничките листи. А тој хендикеп е жртвување на целата ДУИ за да можат челниците Ахмети и Муса Џафери да обезбедат пратенички мандат со кој, колку-толку, би биле во позаштитена позиција при судењето за аферата Маѓар телеком.

 ДВА ПРАТЕНИКА ЗА ПАРТИЈАТА НА АХМЕТИ

 Пред да ги наведеме најочигледните знаци дека ДУИ никогаш повеќе нема да биде прва опција кај албанските гласачи, да ги наведеме аргументите. Зошто ќе добијат пратенички места само во шестата изборна единица?! Затоа што со кандидирањето на Ахмети и Џафери таму нивната стратегија за личен спас ќе биде јасна, иако во другите изборни единици ќе се потрудат да го скријат тоа со ставање други и понови имиња.

Поделбата на шест изборни единици, освен што е систематска неправда за сите гласачи во Македонија, за опозицијата и за Албанците посебно, таа, сепак, може да им се врати како бумеранг токму на тие што ја одржуваат во живот, т.е. ДУИ. Имено, ако се исполни едното од моите очекувани предвидувања за овие вонредни избори, а тоа е дека одѕивот ќе биде голем, тогаш за само еден пратенички мандат ќе бидат потребни повеќе и од осум илјади гласа. Тоа може да значи дека ќе биде онака како што ги победуваа новите конкуренти само во шестата изборна единица и таму се одредуваше победникот во албанскиот блок.

Од таа поделба ДУИ може и да изгуби. Притоа, може да се случи ДУИ да освои дури 23 или 24 илјади гласа, но да не го освои ни третиот пратенички мандат. А во другите изборни единици само да го прави тоа за што ги осудува конкурентите од опозициските партии, дека се распрскувачи на албанскиот глас во Македонија. Да освои по неколку илјада гласа насекаде, но никаде пратенички мандат.

Но, од каде толку храбро предвидување за веќе непостоечката судбина на ДУИ по овие избори?! Прво, од реалното и актуелно расположение кај тие кои досега повеќепати гласаа за ДУИ и второто е од историјата. Реално и актуелно, кај гласачите има активен гнев и отпор кон ДУИ и кон режимот. Тоа се забележува насекаде.

Секој ден се случуваат работи што укажуваат на тоа, но најевидентната од нив е поддршката за новите партии како БЕСА и Реформската ДПА, кои никаде, никако и во никој случај, за толку малку време постоење не би имале толкава поддршка кај гласачите, да немаше отпор кон ДУИ. Зборуваме за заеднички проценти, кои надалеку ја надминуваат ДУИ, а со помалите партии се посилни дури и од ДУИ и ДПА заедно.

 АЛБАНЦИТЕ ЌЕ ЗАВРШАТ СО ДУИ

 Што се однесува до историјата, Албанците еднаш веќе направија голем пренос на власта и тоа со далеку послаби средства против посилен субјект. Имено, албанските гласачи во 1994 и во 1998 година, само поради смена на тогашниот здодевен и инертен Просперитети (ПДП) гласаа масовно за една фракција каква што беше ДПА, со толку малку нешто во себе.

За еден претседател новајлија во Македонија како Арбен Џафери и за предводникот на тогашната фракција Мендух Тачи, кој од прв ден се гледаше дека е само некој што има капацитет да предизвика политичка врева. Ова наспроти слабите средства со кои располагаше ДПА и покрај толку силен субјект како Просперитети. ПДП беше политички субјект чии кадри во споредба со денешните преостанати интелектуални капацитети на ДУИ, челниот двоец Ахмети-Џафери, изгледаат како научна академија.

Се сеќавам дека тогаш Тачи земаше гласови во села и средини каде што не само што немаше отворено огранок или штаб, туку беа населени места каде што тие никогаш ниту биле и за кои првпат слушаше дека постојат, претежно во Скопско, Струшко и Кумановско.

И на крајот, треба да се каже нешто и за реалниот приговор дека политичките партии земаат гласови само по инерција. Посебно во Македонија каде што сѐ уште се во оптек ликови, кои цело време го трошат политичкиот капитал на гласови, а уште се бафтаат пред гласачите на избори. Како, на пример, Љубчо Георгиевски. Или како тука често спомнуваната Просперитети, која дури и на изборите во 2006 година имаше два пратеника. ДУИ се разликува од Љубчо Георгиевски и од Просперитети по тоа што нема политичка заедница првобитно идентификувана за тој субјект. Таков е случајот сега и со ВМРО-Народна.

ДУИ нема политичка партија, супстанца и структура, која по инерција би жнеела гласови на избори. Да не заборавиме, ДУИ е партија формирана за два месеца без никаква идеолошка нишка или супстанца со тематска одредница за имплементирање на Охридскиот рамковен договор. Таа е само привремено политичко ад хок тело формирано од Албанците за да завршат работа.

Тоа што привременото толку долго траеше, се должи на Тачи и Груевски и сега на овие избори ДУИ ќе биде многу силно надгласана и веќе за локалните, напролет, нема да ја има. Албанците не ги завршија работите за кои ја формираа ДУИ, но увидоа дека сега е конечно време да завршат барем една работа, а тоа е да завршат со ДУИ.

Поврзани новости