ДЗР: Низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам

by fokus

Државниот завод за ревизија (ДЗР) на својата веб-страница го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност на тема „Ефикасност на преземените мерки и политики за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам“.

Во него констатира дека мерките имале делумно влијание за ефикасно справување со последиците од пандемијата, дека има низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам, како и дека недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на владините мерките во секторот туризам.

-Со ревизијата на успешност го опфативме периодот од 2018 до 2021 година, како и одредени прашања до денот на известување од извршената ревизија. Целта на извршената ревизија e да се даде одговор на прашањето „Дали преземените мерки и политики од страна на Владата и надлежните институции се во функција на развој на туризмот и намалување на ефектите од кризата од пандемијата во секторот туризам?”. Со ревизијата е утврдено дека има потреба од измени на законската регулатива поради потешкотии во имплементацијата на законските решенија, што води кон отежната реализација на програмите за развој на туризмот, велат од ДЗР и додаваат дека нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата.

Нагласуваат дека ревизорите констатирале оти креирањето на мерките и политиките треба да се врши со среднорочно и долгорочно стратешко планирање на државно ниво, со дефинирање на цели и приоритети, како и потреба од анализа за влијанието на мерките со што ќе се обезбеди следење на ефикасноста од нивното спроведување и ќе се дадат идни насоки за постапување.

-Недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на мерките во секторот туризам. Ревизорите утврдија низок степен на реализација на мерките во секторот туризам кој не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата, се порачува во извештајот од ДЗР.

Реализацијата на мерката „ваучери за домашен туризам“, како што се истакнува, е 55 отсто од планираните 704.106.000 денари, мерката „грант за туристички водичи“ е реализирана со 52 отсто од планираните 9.800.000 денари, мерката „грант за туристички агенции“ е реализира со 68 отсто од планираните 116.850.000 денари, повратот за туристичка такса за 2019 година е 48 отсто од планираните 120.000.000 денари, целосно е нереализиран проектот „хотели надвор од туристичките центри“ во вредност од 64.600.000 денари, а мерката „финансиска помош за туристички агенции“ е реализира со 61 отсто од планираните 86.100.000 денари.

Поврзани новости