Дворски игри и дворски будали

by Fokus

Сѐ додека ја славиме и ја опеваме неспособноста и некадарноста, својата судбина и иднина им ја доверуваме на просечната или потпросечна партиска глутница на дворски будали, ќе живееме вака како што живееме

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Дворец  (француски: château) е тип на замок кој се користи или се користел како постојана резиденција на владетелот, неговото семејство и благородништвото што му служи. Палатата се разликува од дворецот по својата големина, но и локација, палатите се поголеми и обично изградени во урбани средини, додека дворците се помали и градени се вон градските населби.

Лувр и Луксембург првично биле дворци, бидејќи биле изградени надвор од градската средина, но подоцна станале палати затоа што градот ги опкружил ширејќи се.

Со дворци и палати од минатото можат да се пофалат многу земји, како Англија, Шпанија и Португалија, впрочем земјите што имале цареви и кралеви, принцови и принцези. Не помалку се познати и по своите дворски игри и сплетки, убиства, неморал, преврати, предавства, кои ја одбележале човечката историја и ги скроиле границите на државите исцртувајќи ја картата на светот, одредувајќи ја судбината на многу народи.

И ВО 21 ВЕК ДВОРСКИ ИГРИ

Мислев дека дворските игри и сплетки завршија пред неколку века, дека дворците и палатите останаа далеку во минатото, престолите ги снема заедно со благородништвото, а дворските будали се само фраза.

Но, очигледно сум згрешил. И во 21 век, дворските игри продолжуваат, а судбината на цели народи ја определуваат интересите, алчноста и неморалот на поединци што самите си ја дале улогата на владетели, поддржани во тоа свое изопачено лудило од цела низа на дворски будали.

И денес, по толку векови, владетелите и нивните дворски будали управуваат од дворецот во кој дошле, не по пат на право на првородениот, туку по право на првоизбраниот преку избори што се обичен панаѓур на лаги, измами, лажни ветувања, подметнувања, лажирања и неприродни коалицирања.

Некогаш витешките турнири имаа правила и кодекс и, пред сѐ, витешка чесност, за разлика од денес, кога турнирите наречени избори се ниту витешки, ниту имаат кодекс и правила, ниту чесност.

Опонентите на владетелот, кои со едно око гледаат на престолот правејќи сѐ за да го симнат од него и да го сместат својот долен дел од телото во него, се затворени во своите палати и се подеднакво токсични како и тие на престолот.

И едните и другите не прават ништо за народот и за државата, освен што гледаат како да си ја наполнат дворската каса, како да го заштитат престолот од претендентите, да го замајуваат народот со лаги, делби, поделби и непријатели, што внатрешни, што надворешни. И едните и другите го чинат народот скапо затоа што му јавнале на грб со сите свои желби и потреби, луксузи и каприци, кои народот од свој џеб ги плаќа и ги подмирува преку даноци, придонеси и казни.

СПЛЕТКАРЕЊА И ПОДМЕТНУВАЊА

Не сплеткарат овие нови владетели и суверени само во народот или кон противникот, туку сплеткарат, подметнуваат и измислуваат секакви гадости и меѓу себе, внатре во дворот, за да му се додворат на суверенот, да го оцрнат другиот или и самите да се доберат до престолот. Не престануваат овие дворски игри и баханалии ниту еден миг, сета енергија и време се користи за ова, а сето тоа народот го чини пари, го прави посиромашен, несигурен и неспокоен.

Како да се овие дворски игри малку во домашниот дворец и палатите, истите, ако не и посуптилни, се одвиваат и меѓу странските дворци и нашиот.

Се измислуваат нови правила на дворската игра за да се воспостават некакви односи на соработка, за пријателство се бара да се откажеме и од своето име, од својата историја, минатото се прекројува, се менуваат топоними, се бришат настани и вистината од минатото, се измислуваат настани што не се случиле за да се скрие лагата. Сето она што од нашиот двор се бара и промовира како вредност во странскиот дворец е безвредно и изопачено, а големите идеи и силните зборови се сведени на мешетарење, бледи клишеа и пазарење.

Сѐ додека овие и ваквите дворски клики и дворски будали седат во дворците и палатите и се сметаат за владетели, а не за слуги на народот и за државата, а народот упорно и повторно ги избира, одбирајќи помало зло наместо подобриот, ќе чмаеме на маргините на светот затворени во своите стереотипи, предрасуди и заслепеност.

Сѐ додека ја славиме и ја опеваме неспособноста и некадарноста, својата судбина и иднина им ја доверуваме на просечната или потпросечна партиска глутница на дворски будали, ќе живееме вака како што живееме.

 

 

Поврзани новости