Двете најголеми љубови на Тоше, десет години по трагедијата

by Fokus 16:41
16:41
Тоше Проески, миленикот на сите генерации и момчето по кое воздивнуваа илјадници девојки ширум Балканот. Неговиот љубовен живот секогаш беше интересен за јавноста, а неговите две најголеми љубови, поранешната ракометарка Андријана Будимир и поранешниот модел Благица Мицова, денес Ристовска, секогаш ќе останат запаметени како дел од неговиот прерано згаснат живот.

Денес, десет години по неговата смрт, и двете се сопруги и мајки. Имаат по еден син, а она што е впечатливо, и двете станаа мајки во 2014 година. Андријана го доби Максим во март, со сопругот Јохан, познат угостител, а пак Благица го доби Александар во јуни, истата година, со сопругот Виктор, роден брат на поранешниот министер за образование и наука, Спиро Ристовски. И двете се посветени на семејствата и живеат подалеку од очите на народот.

Андријана, која беше во врска со Тоше во периодот на неговото загинување, ја сподели својата болка со јавноста и често беше присутна во медиумите кај нас, но и во регионот. Раскажуваше за нивната љубов, за тагата по загубата, за неостварените планови. За разлика од неа, Благица сосема се повлече и единствената изјава која што ја даде за медиумите беше – Никогаш нема да зборувам за Тоше, нашите спомени се нешто интимно, што ќе го чувам за себе!

- Advertising -

Тоше и убавата неготинчанка Благица ја започнаа својата врска во 1998 година, и со мали прекини беа заедно се до 2006 година. Токму во нејзниот роден град, тој го имаше и својот прв настап, во локална дискотека, во времето кога започнуваше да ја гради кариерата. По неговата смрт, и покрај десетиците понуди да ја раскаже нивната љубовна прииказна, од медиуми од поранешните Југословенски републики, таа не даде ниту едно интервју. Позната е како голема хуманитарка, која неретко се вклучува во акции за помош на болни деца. Со семејството на Тоше останала во коректни односи.

Андријана, која денес има приватна школа по ракомет, во која работи како тренер, освен што ги прекинала односите со семејството на Тоше, беше актуелна во јавноста и поради судскиот спор кој го водеше против Лилјана Петровиќ, менаџерката на Проески. Таа ја тужеше Лилјана за клевета, затоа што за хрватските медиуми “24 Часа” и “Индекс”, на неколку денови пред поменот на големата ѕвезда рекла дека Будимир лаже во своите изјави, дека последните пораки пред несреќата стигнле токму на нејзиниот телефон.

Петровиќ тогаш тврдеше дека има листинзи според кои Будимир и Тоше ниту контактирале, ниту пак биле во врска, последните денови пред несреќата. Настанот се случуваше во 2009 година, а адвокатот на Андријана за медиумите потврди дека според одлуката на судот, Петровиќ треба да и плати 5.000 евра оштета на поранешната ракометарка.

И покрај тоа што пред повеќе години оформија свои семејства, секогаш штом ќе се спомнат нивните имиња, кај народот се враќаат сеќавањата за Тоше. По повод десет годишнината од неговата смрт, фондацијата “Тоше Проески” најави нов албум кој би требало да пристигне кон крајот на ноември, а се состои од песни на Тоше, снимени на англиски јазик во Лондон. На албумот ќе се најдат шест песни, меѓу кои и песната “Light The Flame” која официјално беше промовирана на 5-ти октомври, на манифестацијата “Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше”. На албумот ќе има и неколку преработки од неговите стари хитови.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости